• недела, 22 декември 2024

Познати финалистите за годишните награди на ДПМ, доделување на наградите на 18 септември

Познати финалистите за годишните награди на ДПМ, доделување на наградите на 18 септември

Скопје, 10 септември 2024 (МИА) - Друштвото на писатели на Македонија денеска ги соопшти финалистите за традиционалните награди за 2023 година што ќе бидат доделени на 18 септември. 

За најдобро прозно дело во полуфиналето биле избрани седум книги од кои во финалето влезени се романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски (издание на „Матица“); романот „Заборав“ на Томислав Османли (издание на „ВиГ Зеница“); и  збирката раскази „Вонземјанки“ од Влада Урошевиќ (издание на „Или-или“). 

Во полуфиналниот круг за најдобра поетска збирка биле избрани шест дела од кои финалисти се „Коњски житија“ од Зоран Анчевски („Арс ламина“), „За сите времиња“ од Братислав Ташковски („ПНВ публикации“) и „На врв на јазикот“ од Катица Ќулавкова („Арс ламина“).

За најдобра книга за деца и млади биле пријавени шест дела, а поради малиот број конкуренти, вториот круг бил воедно и финален круг и во него се влезени „На крилјата на самовилското коњче“ од Александра Велинова („Едука Мак“), „Рокчето“ од Никола Маџиров („Арс Ламина“) и „Земјата на заборавените сказни“ од Билјана Црвенковска („Чудна шума“).

За наградата за најдобра книга критика и есеистика биле избрани пет дела, а поради изедначениот број бодови финалистите се четворица: „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски („Матица“), „Птици во аквариум“ од Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ (издание на „Полица“), „Живот во ролни“ од Горан Тренчовски (самиздат) и „Два опита (Конески и Старделов)“ од Ивица Џепароски (Филозофски факултет).

Од ДПМ информираат дека годинава нема да биде доделена наградата „Мост“ бидејќи на конкурсот се пријавиле две книги, а согласно Деловникот, потребни е да се пријават најмалку три дела за која било од наградите да биде конституирана жири-комисија и да биде избран победник.

Во согласност со Деловникот за работа на жири-комисиите за доделување на годишните награди на ДПМ, секој од членовите на жири-комисиите до УО на ДПМ доставува бодовник, при што се гласа за пет наслови, со 5, 4, 3, 2 и 1 бод. На крај, верификациска комисија од Управниот одбор го пресметува збирот на бодови и го утврдува списокот на финалисти. бак/

Фото: ДПМ

Остани поврзан