• четврток, 25 април 2024

Познати националностите на пилотот и патниците во исчезнатиот авион во Хрватска

Познати националностите на пилотот и патниците во исчезнатиот авион во Хрватска
Загреб, 29 мај 2022 (МИА) - Пилотот на спортскиот авион „Цесна“, кој денеска исчезна од радарот по полетувањето од Сплит кон Германија, е швајцарски државјанин, додека двајца патници се германски државјани, а едно лице е хрватски државјанин, покажуваат податоците на полицијата. Шефот на полициската управа во Карловац, Дарко Братиќ, изјави дека оваа информација полицијата ја добила во најавата за летот од регионалната контрола на летот во Сплит. Началникот на Хрватската планинска спасувачка служба (ХГС С), Јосип Граниќ изјави дека се уште нема нови информации, но оцени дека е позитивно што поголем број луѓе се вклучиле во потрагата и дека е извршен увид на поголема површина. Тој додаде дека е мобилизиран целиот ХГС С и нагласи дека потрагата нема да биде прекината „се додека не се најде нешто“. Авионот се смета за исчезнат, нагласи Граниќ и додаде дека не може да се прејудицира дали се урнал. - Се е можно, но авионот исчезна и ние така го водиме. Се надеваме на најдоброто, подготвени сме за најлошото, истакна тој за ХРТ. ХГС С на Твитер објави дека во моментов во потрагата по спортскиот авион учествуваат 35 припадници на полицијата и 83 припадници на ХГС С, меѓу кои и седум тимови за пребарување кои користат кучиња. - Теренот е исклучително тежок, но потрагата продолжува и во текот на ноќта. Во наредните часови ќе пристигнат екипи на ХГС С од цела Хрватска, се наведува на Твитер. Шефицата на одделот за потрага и спасување на авионот, Наталија Мезак Доленчиќ, за ХРТ изјави дека моментно на терен има стотици луѓе - од полиција до припадници на ХГС С и работници од цивилната заштита. Таа нагласи дека поради временските услови авионите и дроновите не можат да функционираат, но дека штом временските услови дозволат ќе бидат ангажирани на терен. Полицијата соопшти дека во потрагата учествуваат и припадници на специјалната и интервентната полиција. гт/

Остани поврзан