• понеделник, 23 декември 2024

Познати наградите за животно дело и репертоарот на јубилејниот 55-ти МТФ „Војдан Чернодрински“

Познати наградите за животно дело и репертоарот на јубилејниот 55-ти МТФ „Војдан Чернодрински“
Прилеп, 23 септември 2021 (МИА) - Актерите Емил Рубен и Борис Чоревски и сценографот Крсте С. Џидров се годинашни добитници на наградата за животно дело на јубилејното 55-то издание на Македонскиот театарски Фестивал „Војдан Чернодрински“ кој ќе се одржи од 1 до 8 октомври во Прилеп. Ова е одлуката на собранието на Фестивалот. Најзначајниот театарски фестивал кој ги презентира најдобрите остварувања на македонските професионални театри, лани, поради пандемијата, не го одржа јубилејното 55-то издание и одлучено е тоа да се одржи од 1 до 8 октомври според сите протоколи. Веќе е позната и фестивалската програма. Фестивалот на 1 октомври, на сцената од Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде свечено отворен со доделувањето на наградите за животно дело и со првата претстава во конкуренцијата за награди. Тоа е претставата на Македонскиот народен театар од Скопје „Мој Термин“ во режија на Синиша Евтимов, според мотивите на Лорен Бафи и на Винсенте Виљануева. На втори октомври ќе биде промовирана книгата на Тена Штивичиќ „Невидливите“, а на програмата се уште две претстави во конкуренција: „Вечера за глупаци“ од Францис Вебер во режија на Ирена Стеријовска, а во продукција на театар „Комедија“ од Скопје, а потоа е претставата „Глембаеви“ од Мирослав Крлежа во режија на Бранко Брезовец на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп. В недела на 3 октомври на репертоарот се претставите на кумановскиот театар „Вообразен болен“ од Молиер во режија на Драган Гунин и на Драмски театар од Скопје „Мојот маж“ од Румена Бужаровска во режија на Нела Витошевиќ. На 4 октомври фестивалот отвора трибина на тема „Театарот во Ковид-19. Проблеми и решенија“ , модератор ќе биде Катарина Коцевска Хаџи Василева, а на репертоарот се уште две претстави. Албанскиот театар од Скопје на сцената прилепскиот театар ќе ја изведе „Мурлин Мурло“ од Николај Кољада во режија на Кристина Димитрова, а во Центарот за култура, велешкиот народен театар ќе се претстави со „Херои 04:33“ од Сашо Димоски во режија на Деан Дамјановски. На 5 октомври на репертоарот на Фестивалот се тетовскиот театар со претставата „Страст и алчност“ од Јуџин О Нил во режија на Фитим Селими и ќе се игра на сцената од Центарот за култура. Потоа, во прилепскиот театар е претставата „Едип коментари“ според мотиви од Едип на Софокле во режија на Драгана Милошевски Попова, а во продукција на штипскиот народен театар. На 6 октомври ќе има промоција на книгата „Горан во Драмски“ и уште две претстави во конкуренцијата: Турски театар од Скопје ќе ја изведе „Славната Флоренс“ во режија на Драгана Милошевска Попова, а потоа е претставата на охридскиот театар „Крик за љубов“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски. Последниот фестивалски, репертоарски ден на 7 октомври ќе донесе три претстави. Прво е претставата на Театарот за деца и младинци од Скопје „Едвард раце ножици“ во режија на нела Витошевиќ, потоа е претставата на битолскиот театар „И коњите ги убиваат, зар не?“ во режија на Мартин Кочовски и последната репертоарска претстава е на Факултетот за драмски уметности „Мурлин Мурло“, дипломска претстава на студентите од отсекот Драмски актери кај професорите Сузана Киранџиска и на Кристина Леловац. В петок на 8 октомври жирито во состав Ѕвездана Ангеловска, актер и режисер, Бајруш Мјаку, актер и Александар Милосављевиќ, театролог од Србија ќе ги соопшти најдобрите остварувања на јубилејниот, 55-ти Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Свеченото затворање на Фестивалот во прилепскиот народен театар ќе биде со доделувањето на наградите на најуспешните и со изведбата на Дрански театар од Скопје „Драмски за Конески“, во чест на наградените. ем/мс/  

Остани поврзан