Под контрола пожарот во атарот на село Никуштак, Липковско
- Пожарот во село Никуштак, Липковско е под контрола, соопштија денеска од Регионалниот центар за управување со кризи Куманово.
Куманово, 3 септември 2025 (МИА) - Пожарот во село Никуштак, Липковско е под контрола, соопштија денеска од Регионалниот центар за управување со кризи Куманово.
На пожарот кој избувна на 1 септември и зафати нискостеблеста деградирана шума вчера интервенирале екипи на Шумско стопанство. Во гаснењето на пожарот, што се наоѓа на непристапен терен, вчера во неколку наврати од воздух интервенирале и авиони на Дирекцијата за заштита и спасување.
- Пожарот е целосно под контрола Утрово на терен се две екипи на кумановската подружница на „Национални шуми“, изјави заменик директорот на ЈП „Национални шуми“ Кире Михаилов.
Пожар имало и во село Матејче, горела нискостеблеста деградирана шума, а таму интервенирале екипи на Шумско стопанство и на Територијалната противпожарна единица Куманово. Пожарот бил изгаснат во 18 часот.
Кумановската противпожарна единица интервенирала и во Проевце на запалено ѓубре, во Речица на опожарен помошен објект и на барања во транзитниот центар за мигранти во Табановце. ам/мд/
Фото: МИА архива