• петок, 22 ноември 2024

Под влијание на Ел Нињо можни се рекордни температури

Под влијание на Ел Нињо можни се рекордни температури

14 мај 2023

клима101

Се поизвесно е дека Ел Нињо, затоплувањето на тропскиот Пацифик, ќе се случи оваа година, објави Светската метеоролошка организација.

Меѓутоа, бидејќи овој климатски феномен има многу поширока резонанца, можно е Ел Нињо да придонесе за рекордни температури во регионите ширум светот.

Ла Ниња, студената фаза на покомплексниот феномен Ел Нињо - Јужна осцилација (ENSO), заврши по три години, а тропскиот Пацифик моментално е во неутрална фаза. Сепак, наскоро би можело да биде заменет со топла фаза, Ел Нињо.

Како што се наведува, постои 60 отсто веројатност дека транзицијата ќе се случи во периодот од мај до јули. Според досегашните прогнози на метеоролозите, веројатноста се зголемува до 80 проценти во периодот од јули до септември.

Засега нема индикации колку долго ќе трае Ел Нињо или колку ќе биде интензивен, но овој феномен може да ги продлабочи ризиците со кои се соочува планетата поради климатските промени.

„Доживеавме осум најтопли години во историјата на мерењата, без оглед на ладењето предизвикано од Ла Ниња во изминатите три години, што делуваше како привремена кочница за зголемувањето на температурата“, рече генералниот секретар на Светската метеоролошка организација, Петери Талас. „Развојот на Ел Нињо веројатно ќе доведе до нов скок на глобалното затоплување и ќе ја зголеми шансата за соборување на температурни рекорди.

Според извештајот на Светската метеоролошка организација, 2016 година била најжешката година во историјата поради „двојниот удар“ на силниот бран на Ел Нињо и затоплувањето предизвикано од човекот преку ослободување на стакленички гасови.

Влијанието на топлата ENSO фаза најмногу се забележува во годината по нејзиното појавување, па се очекува последиците да бидат поочигледни во текот на 2024 година.

„Треба да се подготвиме за развојот на Ел Нињо, кој често се поврзува со големи горештини, суша и врнежи во различни делови на светот“, предупреди Талас, додавајќи дека може да има и зголемување на временските екстреми.

Ел Нињо е природен феномен кој се случува периодично, на секои две до седум години, и придонесува за затоплување на површината на Тихиот Океан во тропските предели. Епизодите траат помеѓу девет и дванаесет месеци.

За време на Ел Нињо, има зголемување на врнежите во јужниот дел на Јужна Америка и во јужните региони на Соединетите Американски Држави, како и во Рогот на Африка и во Централна Азија.

Спротивно на тоа, големи суши се можни во Австралија, Индонезија и Јужна Азија. Додека е во централниот и источниот дел на Тихиот Океан, Ел Нињо може да поттикне формирање на урагани. ссм/

фото: архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан