Подружницата на Си-Кеј Хачисон покренува арбитражна постапка против Панама поради прекинување на концесијата за две пристаништа на Панамскиот канал
- Подружница на Си-Кеј Хачисон, со седиште во Хонг Конг, соопшти дека покренала арбитражна постапка против Панама поради сериозни штети претрпени по откажувањето на нејзината концесија за управување со две пристаништа на Панамскиот канал.
Хонг Конг, 5 февруари 2026 (МИА) - Подружница на Си-Кеј Хачисон, со седиште во Хонг Конг, соопшти дека покренала арбитражна постапка против Панама поради сериозни штети претрпени по откажувањето на нејзината концесија за управување со две пристаништа на Панамскиот канал.
Осудувајќи ја „целната кампања на панамската влада“ против неа, компанијата Панама Портс во соопштението изјави дека била подложена на „низа сурови дејствија“ од страна на централноамериканската земја.
Панамскиот претседател Хозе Раул Мулин категорично го отфрли потегот на кинеската компанија во објава на социјалната мрежа „X“.
Врховниот суд на Панама минатиот петок ја поништи концесијата според која компанијата управуваше со две пристаништа лоцирани на двата краја од каналот - Кристобал на атлантскиот брег и Балбоа на пацифичкиот брег.
Одлуката предизвика задоволство во Вашингтон, но и остра реакција од Пекинг, кој вети дека ќе „ги заштити легитимните права и интереси на своите компании“.
Откажувањето на концесијата доаѓа во време кога САД се обидуваат да го ограничат кинеското влијание врз оваа стратешка рута. Тоа ги заостри тензиите околу каналот долг 80 километри, преку кој се одвива околу пет проценти од светската поморска трговија и чии главни корисници се бродови од САД и Кина.
Врховниот суд на Панама пресуди дека концесијата е неуставна бидејќи ѝ дава „несразмерна“ предност на компанијата „Панама портс“ „без „никакво оправдување“ за тоа и „на штета на државната каса“, се вели во пресудата од 69 страници.
Понатаму, обновувањето на договорот беше автоматско, без мислење на Судот на ревизори и без „повторно преговарање“ за условите, пресуди судот.
По судската одлука, панамската влада објави дека данската компанија „Маерск“ привремено ќе го преземе управувањето со пристанишните терминали додека не се додели нова концесија.
Претседателот Хозе Раул Мулино увери дека пристаништата ќе продолжат да работат непречено и побара соработка од компанијата „Панама портс“ во оваа преодна фаза.
Основана од милијардерот Ли Ка-шинг, „Си-Кеј Хачисон“ е еден од најголемите конгломерати во Хонг Конг, кој работи во областите на финансии, малопродажба, инфраструктура, телекомуникации и логистика.
Нејзината подружница „Панама портс“ управува со пристаништата Кристобал и Балбоа од 1997 година и ѝ беше доделена почетна 25-годишна концесија, која беше продолжена за истиот период во 2021 година.
Изграден од САД и отворен во 1914 година, каналот падна под панамска контрола во 1999 година.
Минатата година, Доналд Трамп постојано се закануваше дека ќе ја преземе контролата врз Панамскиот канал, за кој верува дека е под кинеско влијание. Тој побара од Панама да одобри преференцијални услови за користење на каналот од страна на американските бродови.
Си-Кеј Хачисон се согласи во март да ја пренесе контролата врз двете пристаништа на конгломерат предводен од американскиот фонд „Блекрок“ (BlackRock), но договорот, на кој Кина гледа со сомнеж, сè уште не е финализиран. мс/ми/
фото: ЕПА архива