• петок, 22 ноември 2024

Поднесени обвиненија за набавката на софтверот на ДИК

Поднесени обвиненија за набавката на софтверот на ДИК
Скопје, 4 мај 2021 (МИА) - По спроведена сеопфатна истражна постапка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против поранешен претседател на Државната изборна комисија, тројца вработени во ДИК и еден управител на економски оператор, соопшти Јавното обвинителство. Обвинетите, како што информира Обвинителство, се товарат за кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 став 5 од Кривичниот законик, кое го сториле при две јавни набавки, со што го оштетиле Буџетот на Република Северна Македонија за 1.312.409 денари. - Имено, И.Ќ., А.А. и А.Ш. вработени во ДИК, како членови на Комисијата за јавни набавки, во периодот од февруари до септември 2020 година неизвршувајќи ги своите службени должности при спроведување на постапката за јавна набавка на софтверот за изборите, не го почитувале минималниот законски рок за поднесување понуди, не утврдиле дека економскиот оператор ДУНА ДОО Скопје не ги исполнува условите за учество во постапката и притоа не спровеле правилна постапка за евалуација на доставените понуди, туку понудата ја оцениле како прифатлива и доделиле максимален број на бодови, информираат од Јавно обвинителство. Врз основа на Извештајот од спроведена постапка, се додава во соопштението, првообвинетиот О.Д., како претседател на ДИК, без да изврши контрола на постапката за евалуација на понудите, донел одлука за избор на најповолен понудувач. - Откако постапката била поништена, првообвинетиот спротивно на мислењето на Бирото за јавни набавки, донел одлука за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас и притоа по негови насоки биле намалени критериумите за вреднување на економските оператори во делот на квалитет, објаснуваат од ЈО. Покани за поднесување понуди за набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија во ДИК, додават од ЈО, биле испратени до два економски оператори и во повторената постапка повторно како најповолен понудувач бил избран економскиот оператор ДУНА ДОО, со кој првообвинетиот потпишал Договор за јавна набавка. Тој, велат од ЈО, иако бил должен пред да го потпише Договорот и пред да го имплементира софтверот да обезбеди негово тестирање заради утврдување дали ги исполнува бараните услови, тој не го сторил тоа и дозволил истиот да се пушти во употреба без спроведено тестирањето и без направен квалитативен и квантитативен прием на услугата од Договорот. - На ваков начин за економскиот оператор била прибавена корист - право да учествува во постапка за јавна набавка и да склучи договор на износ од 899.999,00 денари, се додава во соопштението. Во постапката за Набавка на телевизори што ќе овозможат приказ на резултати од избори во надворешни услови, изготвувањето на техничката спецификација за јавната набавка било во консултации со учесник во постапката, обвинетиот И.В. - Покани биле испратени до пет економски оператори на контакт адреси што не биле регистрирани во Бирото за јавни набавки, а единствениот понудувач бил економскиот оператор ТАРДИС ДООЕЛ Скопје. Обвинетиот А.Ш. како претседател на Комисијата за јавни набавки, спротивно на правилата, иако знаел и бил свесен дека обвинетиот И.В. како овластено лице на единствениот понудувач е изготвувач на техничката спецификација, ја евалуирал понудата и во Извештајот за спроведена постапка, без да присуство на членовите на комисијата, дал предлог понудата да биде избрана за најповолна понуда. Обвинетиот О.Д. го прифатил предлогот и донел Одлука за избор на најповолен понудувач за предметната набавка. На ваков начин за економскиот оператор  била прибавена корист - право да учествува во постапка за јавна набавка и да склучи договор на износ од 412.410,00 денари со вклучен ДДВ, се додава во соопштението.​ оџ/сп/

Остани поврзан