• петок, 22 ноември 2024

Подеста: Фон дер Лајен прави се да обезбеди полов баланс во новата Еврокомисија 

Подеста: Фон дер Лајен прави се да обезбеди полов баланс во новата Еврокомисија 

Брисел, 2 септември 2024 (МИА) - Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен останува на својата позиција да обезбеди полов баланс во следниот состав на Колеџот на комесари и прави се за да го оствари тоа, информира денеска заменичката главна портпаролка на Еврокомисијата, Аријана Подеста. 

- Таа е во постојан контакт со сите лидери на земјите членки, но не можам да коментирам ништо во врска со тоа, истакна Подеста во одговор на новинарско прашање дали се точни информациите дека Фон дер Лајен побарала од некои земји членки смена на предложените кандидати за еврокомесари со цел да се обезбеди полова рамноправност во составот на Еврокомисијата. 

Подеста додаде дека Европската комисија не е во позиција да го коментира процесот на номинација на кандидатите за еврокомесари, кој е во надлежност на земјите членки на ЕУ. 

- Тоа е процес што е во тек и ги повикуваме земјите членки да ни помогнат во исполнување на поставените рокови до истекот на мандатот на сегашната Комисија на крајот на октомври, за да може до тогаш да го комплетираме процесот, изјави Подеста. 

Портпаролката на ЕК потврди и дека Европскиот парламент упатил покана до Фон дер Лајен на 11 септември пред претседателите на пратеничките групи да го презентира предлогот за состав на новиот тим на комесари.  

Меѓу досега предложените 24 кандидати за еврокомесари само шест се жени, што би значело дека заедно со Фон дер Лајен и номинираната висока претставничка за надворешна политика и безбедност Каја Калас, новата 27-члена Европска комисија во најдобар случај би имала осум жени. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан