Поддршка од дијаспората за Андреј Јакимовски
- Семејството Ѓоргиевски од Крива Паланка кои престојуваат кај фамилијата на нивната ќерка Ивана Стеинбах, во Калифорнија, Соединетите Американски држави, синоќа беа најверни навивачи и поддржу
Крива Паланка, 6 февруари 2022 (МИА) - Семејството Ѓоргиевски од Крива Паланка кои престојуваат кај фамилијата на нивната ќерка Ивана Стеинбах, во Калифорнија, Соединетите Американски држави, синоќа беа најверни навивачи и поддржувачи на нашиот репрезентативец, Андреј Јакимовски, на кошаркарскиот меч што неговиот тим Вашингтон Стејт го одигра на гости кај Калифорнија, во натпреварите од НЦАА лигата.
Нашите иселеници со сите членови на фамилијата, од најмлади до највозрасни, со гордост навиваа за миленикот на кривопаланчани, Јакимовски, кој втора сезона настапува во најсилната колеџ лига во САД, во тимот на Вашингтонски Стејт универзитетот, каде полека но сигурно се наметна како еден од лидерите.
На синоќешниот натпревар Јакимовски одигра шестнаесет минути на паркетот, постигна три поени и оствари три скока, придонесувајќи за значајната гостинска победа на неговиот тим, петта во низа, а прва остварена на гости кај Калифорнија по речиси две децении, од 1993.
-Ние сме премногу горди на Андреј, постојано го следиме, го поддржуваме и секаде се фалиме со ова наше прекрасно момче, талент кој ги претставува нашата држава и нашиот град во најдобро можно светло. Тој е миленик на сите генерации паланчани, а ние откако сме тука кај децата, со нетрпение чекавме да имаме прилика и да го гледаме во живо и да навиваме. Срцата ни беа преполни емоции и радост, а бидејќи е многу скромен и добро воспитан, тој издвои време и малку да се дружиме по натпреварот. Нашите внуци го имаат за идол нашиот Јаки. Му посакуваме НБА кариера и продолжуваме да го поддржуваме, изјави Љубица Ѓоргиевска, која паланчани ја знаат како Бубе бабица.
Андреј Јакимовски е еден од лидерите на Вашингтон Стејт Универзитетот, кој со сигурност граби кон големиот сон на секој кошаркар, НБА кариера. На претходните три меча беше фантастичен, два пати беше прогласен за играч на натпреварот, го предводеше тимот во победата против Јута, а на натпреварот против Колорадо оствари дабл - дабл учинок, со 14 поени и десет скока.
Следниот натпревар за неговиот тим е во вторник, 8 февруари, кога Вашингтон Стејт ги пречекува седмопласираните во дивизијата, Аризона Стејт. ид/аа/