• понеделник, 23 декември 2024

Поддршка за предложените измени на Законот за здравствена заштита од матичната собраниска комисија 

Поддршка за предложените измени на Законот за здравствена заштита од матичната собраниска комисија 

Скопје, 12 март 2024 (МИА) - Собраниската Комисија за здравство денеска го прифати Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, по скратена постапка, со кој се овозможува здравствените работници да продолжат со работа до 67 години.

Предлагачи се пратениците од СДСМ Мартин Костовски и Соња Михаиловска, а целта за негово донесување, како што се наведува во образложението, е обезбедување обучен кадар за укажување медицинска помош на лица кои се наоѓаат во животно загрозувачка состојба и овозможување здравствените работници кои ќе изразат волја, да продолжат да работат и по исполнување на законските услови за одење во пензија, односно по навршување 64 години, да може да им се продолжи договорот за работа најмногу до 67 години, согласно одредбите од Законот за работни односи.

Со предложените измени и дополнувања ќе се овозможат во работодавниот орган во условите за именувањето на директор да се додадат и организациските науки. Исто така, се допрецизираат условите за непречено вршење на здравствената дејност во мрежата на здравствените установи, усогласување, прецизно дефинирање на постапката со цел побрзо и ефикасно работење на установите. 

-Со предложените измени и дополнувања на Законот за здравствената заштита се воведува стандардизиран и унифициран пристап за организирање и спроведување обука на медицински и на немедицински кадар за укажување медицинска помош на лица кои се наоѓаат во животно загрозувачка состојба, организирано вршење на обуките од страна на Медицински симулациски центар како единствена овластена институција согласно претходно донесена програма, овозможување на здравствените работници, односно здравствените соработници кои ќе изразат волја да продолжат да работат и по исполнување на законските услови за одење во пензија, односно по навршување на 64 години, да може да им се продолжи договорот за работа најмногу до 67 години, согласно одредбите од Законот за работни односи, се појаснува во Предлог законот.

Како што се наведува во образложението, предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, по скратена постапка не предизвикува финансиски последици врз републичкиот Буџет и другите јавни финансиски средства. бд/лв/

Фото: МИА архива

Остани поврзан