• вторник, 05 ноември 2024

Подготвен „Национален план“ за стабилно снабдување со храна од домашни извори и во соработка со партнерите од „Отворен Балкан“

Подготвен „Национален план“ за стабилно снабдување со храна од домашни извори и во соработка со партнерите од „Отворен Балкан“
Скопје, 29 август 2022 (МИА) - Пред почетокот на заедничкиот самит на храна и вино што во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ ќе се одржи во Белград од 1 до 4 септември, Северна Македонија продолжува со интензивирање на домашната агенда со која се стимулираат националните капацитети за производство на храна, промовирање на македонската традиција и намалување на увозната зависност. Премиерот Ковачевски вчера по пуштањето во употреба на системот за наводнување „Славишко поле“ во Општина Ранковце потсети дека Владата донесе „Национален план за производство на храна“, кој содржи конкретни мерки за поддршка на земјоделскиот сектор во време на криза и тој веќе се реализира. - Тоа се мерки за зголемено производство на домашна храна, за увозна независност, мерки со кои ги поттикнуваме земјоделците максимално да ги искористат сите ресурси, секоја педа обработливо земјоделско земјиште, за да произведат повеќе, рече Ковачевски. „Националниот план за производство на храна“ предвидува одржливо и зголемено производство на домашна храна, но и увозна независност, за чија цел со усвоениот ребаланс на Буџетот одвоени се дополнителни 32 милиони евра за зголемување на домашното производство на храна. Од Владата посочуваат дека веќе е зголемено производството на пченица, пченка, јачмен и увозот кај сите култури е намален. - Доделени се над 20 000 хектари земјоделско земјиште за производство на стратешките производи низ неколку јавни наддавања каде што земјоделците покажаа голем интерес, а притоа зголемени се и субвенциите за вештачките ѓубрива, со што земјоделците имаат помали трошоци, потсетуваат од Владата. Од таму додаваат дека заедно со Министерството за земјоделство будно се следи ситуацијата, а во рамки на „Отворен Балкан“ оформена е и кризна група, која ги анализа состојбите во трите држави вклучени во иницијативата – Северна Македонија, Албанија и Србија и според чии проценки тие меѓусебно можат да си ги обезбедат евентуалните недостатоци од храна. Во исто време, се работи и на силна регионална промоција на македонските вина, храна и туризам, а прв следен чекор во тој правец ќе биде направен на Првиот меѓународен саем на Отворен Балкан во Белград. На Саемот на храна, вино и туризам на Отворен Балкан во Белград од земјава ќе учествуваат 42 винарии и 3 дестилерии, кои ќе се претстават со повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии. На Саемот ќе се претстават и повеќе од 10 производители на храна од Северна Македонија кои ќе ја претстават автентичната македонска кујна. Истовремено, стотици илјади очекувани посетители на Саемот ќе може да дегустираат автентична македонска храна која ќе ја подготвуваат македонски врвни готвачи. сп/са/

Остани поврзан