• недела, 22 декември 2024

Повторно отфрлено барањето за ослободување на осудениот поранешен пратеник од Злата зора Касидиарис

Повторно отфрлено барањето за ослободување на осудениот поранешен пратеник од Злата зора Касидиарис

Атина, 31 октомври 2024 (МИА) – Поранешниот пратеник на Златна зора, Илиас Касидиарис осуден на 13-годишна затворска казна доби уште еден, втор по ред негативен одговор од судот на неговото барање за условно ослободување од затвор, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што објавија грчките медиуми, Касидиарис второто барање го поднел тврдејќи дека ја отслужил целата казна за учество во криминалната организација Златна зора, а според неговата адвокатка ќе следи и жалба и до Европскиот суд во Стразбур за повреда на презумпцијата на невиност.

Одлуката на Судот во градот Ламија е со образложение дека поранешниот пратеник на Златна зора е обвинет и во случајот „Спартанци“, чие судење е одложено за 22 ноември и затоа треба да остане во затвор.

Касидиарис во конкретниот случај што е поврзан со пратеничката група Спартанци, кривично се гони заедно со сите 11 пратеници за измама на гласачите на ланските парламентарни избори.

Поконкретно, по спроведената истрага на обвинителката од Врховниот суд на Грција произлегло дека вистинскиот лидер на партијата всушност е осудениот Касидиарис и тој е оној кој го имал главниот збор во Спартанци, како и во изборот на кандидати за пратеници на изборите во јуни 2023 година. ср/

Остани поврзан