• недела, 22 декември 2024

Повторно одложен случајот против Додик

Повторно одложен случајот против Додик

Сараево, 6 декември 2023 (МИА) - Случајот против претседателот на босанската Република Српска, Милорад Додик, закажан за денеска во Сараево, по втор пат е одложен, објавија босанските медиуми.

Додик, кој е обвинет дека одбил да ги почитува одлуките на првиот човек на меѓународната заедница во земјата, Кристијан Шмит, денеска изјави дека побарал од судот неговото судење да биде префрлено во Основниот суд во Бања Лука.

-Ова е политички процес. Законот ни дава право да бараме да се помести судењето. Судскиот совет го одби нашето барање и ни беше кажано дека имаме три дена за жалба, истакна Додик, додавајќи дека ниту денеска не е започната расправа или рочиште за случајот.

Додик, како и директорот на Службен весник Милош Лукиќ, се обвинети дека не ги спроведувале одлуките на Шмит, кој не е признат во Република Српска со образложение дека неговиот избор не бил потврден од Советот за безбедност на ОН. Казната за ова дело е затвор од половина година до пет години. Додик не го признава авторитетот на американскиот амбасадор во Сараево, Мајкл Марфи.

-Станува збор за луѓе кои се надвор од системот и се обидуваат да се наметнат во легално избрани тела на ниво на Босна и Херцеговина. Сето ова го сквернават и никој не треба да мисли дека овој процес и нашето присуство е признание за таков неуставен и незаконски процес, истакна Додик.

Тој исто така изјави дека Република Српска има докази дека претставници на американската амбасада во Сараево го посетуваат босанското обвинителство и ги водат судењата.

-Огромното потпирање на високиот претставник не носи добро ниту за Босна ниту за кој било. Не го прифаќаме однесувањето на амбасадорот Марфи. Не ја прифаќаме Босна надвор од нејзиниот устав, рече Додик. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан