Повик за јавна дискусија за Концепција за реформи во гимназиското образование
- Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието информираат дека е изработена нацрт Концепција за реформи во гимназиското образование и ги повикуваат сите наставници, ученици, родители, експерти и заинтересирани страни со свои мислења, предлози и забелешки да се вклучат во јавната дискусија за усвојување на најдобрата верзија.

Скопје, 16 јануари 2024 (МИА) - Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието информираат дека е изработена нацрт Концепција за реформи во гимназиското образование и ги повикуваат сите наставници, ученици, родители, експерти и заинтересирани страни со свои мислења, предлози и забелешки да се вклучат во јавната дискусија за усвојување на најдобрата верзија.
Како што информираат од МОН, концепцијата за реформи во гимназиското образование е изготвена со цел да обезбеди современ, инклузивен и конкурентен образовен систем.
-Предложениот документ нуди модерни пристапи кои се насочени кон стекнување практични вештини, развивање критичко размислување, интеграција на дигитални технологии и усогласување со меѓународните образовни стандарди, како и поголем избор за учениците, со цел тие самите да можат да го моделираат својот образовен пат, според нивните интереси и идни цели. Мислењата и сугестиите на сите чинители на образовниот процес се од исклучителна важност за креирање гимназиско образование кое ќе ги подготви учениците за современите предизвици и ќе обезбеди меѓународно споредливи образовни резултати, се вели во соопштението од МОН.
Гимназиското образование во Македонија, велат оттаму, повеќе од две децении не е предмет на суштински реформи, што го довело до состојба на недоволна усогласеност со современите потреби и меѓународните стандарди.
-Истражувањата покажуваат дека и наставниците и учениците ја препознаваат потребата од промени, особено во насока на модернизација на наставните програми, можност за избор на предметите, воведување современи методи на учење и оценување, како и унапредување на вештините релевантни за 21. век, нагласуваат од МОН.
Концепцијата е достапна на официјалната веб страница на Бирото за развој на образованието. Вашите коментари може да ги испратите на javnarasprava@bro.gov.mk најдоцна до 31.1 2025 година. Убедени сме дека заедно можеме да создадеме модерно и квалитетно гимназиско образование во најдобар интерес на идните генерации. сст/аа/
фото МИА архива