• вторник, 24 декември 2024

Повик до матичните лекари во општина Делчево за учество во проектот Иновативен систем за нега на постари лица

Повик до матичните лекари во општина Делчево за учество во проектот Иновативен систем за нега на постари лица

Делчево, 8 април 2024 (МИА) - Општина Делчево во соработка со НАЛАС (Мрежа на националните асоцијации на локалните власти во Југоисточна Европа), денеска отпочнува со реализација на Паметен дигитален градски пилот проект „Иновативен систем за нега на постари лица – Далечински мониторинг на пациентите и дијагностика во Општина Делчево“.

Во рамки на проектот, како што информираа од Општината, ќе бидат набавени соодветни уреди за далечински мониторинг за непосредна дијагностика и третман, со соодветна обука на медицински персонал – матични лекари, како и обука за волонтери или даватели на услуги за користење на набљудувачките уреди и процедура на распределување. 

- Со овој повик ги покануваме матичните лекари од Општина Делчево да изразат интерес кон приклучување на проектот. Сите заинтересирани матични лекари на територијата на Општина Делчево за подетални информации и за пополнување на Формулар за учество во проектот можат да го контактираат лицето Наташа Димитровска во просториите на Општина Делчево, истакнаа од Општината.

На тој начин, додаваат, ќе биде подобрен квалитетот на социјалните здравствени услуги за постарите граѓани преку иновативни решенија и дигитализација и ќе се реши проблемот со недостаток на примарни здравствени услуги во далечните области за време на непогодни услови или при неможност за движење.

- Системот ќе го олесни далечинскиот мониторинг на пациентите и дијагностиката, особено насочен на постарите граѓани во оддалечените области.Проектот ќе биде од корист за најмалку 50 до најмногу 200 постари граѓани, додадоа од Општината.

Преку обезбедување опрема во рамки на проектот е предвидено следење на здраствени параметри од дома (ЕКГ, респирации, крвен притисок, сатурација, температура и пулс). Проектот ќе овозможи и самонабљудување и поддршка на дијагностиката без потреба од физички посети на здравствените установи. вс/цр/


Фото: Општина Делчево

Остани поврзан