• понеделник, 23 декември 2024

„Повеќе зеленило, подобар град!“ во организација на Еко-свест

„Повеќе зеленило, подобар град!“ во организација на Еко-свест

Скопје, 23 февруари 2024 (МИА) - Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“, денеска организираше настан од информативен карактер на тема „Повеќе зеленило, подобар град!“ во рамки на проектот „Граѓанските организации во акција за климата“.

Регионалниот координатор на проектот, Ива Петрунова вели генералниот проблем во Скопје е големата урбанизација, односно како што рече, на секоја празна парцела се гледа да се стекне профит уништувајќи го зеленилото, без притоа да се засадат нови садници.

–  Градовите во 21-от век се соочуваат со премногу предизвици, сведоци сме секојдневно Скопје со што сѐ се соочува, од типот на загадување, од една испревртена слика на сите вредности. Зеленилото тука нема само улога на еден прочистувач во еколошка смисла, туку има улога на подобрување на квалитетот на живот од сите аспекти во градот, рече Петрунова.

Вели во Скопје е потребно да се мапираат слободните површини каде би можело да има паркови и зелени јавни простори.

–  Проблемот е тоа што секогаш прво на мета која што се уништува е токму зеленилото, без притоа да се засадат нови садници. Исто така многу важно е тоа зеленило кое се сади да има активна функција, односно да придонесува во прочистување на воздухот, да бидат оние растенија кои се типични за ова поднебје, вели Петрунова.

Додаде дека образованието и едукацијата на оваа тема кај граѓаните е на ниско ниво, затоа следните чекори ќе бидат информирање и едуцирање на граѓаните, бидејќи како што рече, тие имаат важна улога во придонесувањето за повеќе зеленило во јавниот простор.

Изрази верување дека граѓаните, како и властите ќе станат свесни за сите придобивки од зеленилото и дека во иднина ќе се подобри состојбата во Скопје. Како позитивна промена, Петрунова го истакна зелениот катастар кој со години не функционираше, а стапи во функција минатата недела. ра/са/

Фото: МИА

 

Остани поврзан