• понеделник, 23 декември 2024

Повеќе арапски земји и Израел го осудија терористичкиот напад кај Москва

Повеќе арапски земји и Израел го осудија терористичкиот напад кај Москва

Бејрут, 23 март 2024 (МИА) - Голем број арапски земји го осудија синоќешниот терористички напад во предградие на Москва, во кој загинаа 115 лица, а најмалку 145 се повредени.

Неидентификувани маскирани вооружени лица упаднале во концертната сала „Крокус“ во градот Красногорск, северозападно од Москва, непосредно пред почетокот на концертот и отвориле оган, соопшти Канцеларијата на јавниот обвинител на Русија.

Терористичката група Исламска држава (ИСИС) ја презеде одговорноста за нападот во Русија, се вели во кратката изјава објавена од новинската агенција Амак, поврзана со ИСИС, на Телеграм.

Обединетите Арапски Емирати остро ги осудија „овие криминални акти“ и рекоа дека ги отфрлаат „сите форми на насилство и тероризам кои имаат за цел да ја дестабилизираат безбедноста и стабилноста и се некомпатибилни со меѓународното право“, се вели во соопштението.

Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија исто така го осуди нападот и им изрази сочувство на семејствата на жртвите, владата и народот на Русија. Министерството, исто така, ја истакна важноста на борбата против сите форми на екстремизам и тероризам.

Египетското Министерство за надворешни работи изрази целосна солидарност со Русија.

И јорданското Министерство за надворешни работи го осуди нападот. Портпаролот на одделот, Суфијан Куда, во име на својата земја изрази „солидарност со Руската Федерација во оваа страшна трагедија“ и категорично го осуди „гнасниот чин на тероризам врз невини граѓани“.

Сирија го осуди нападот и ја истакна „важноста на заедничките напори на светот да се спротивстави на овие масовни убиства и да бара одговорност од нивните извршители, како и од силите и земјите зад нив“.

Палестинското претседателство исто така го осуди нападот и ја потврди својата солидарност и поддршка за Русија. 

Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац изрази сочувство до семејствата на жртвите во терористичкиот акт. рп/

Остани поврзан