• понеделник, 18 ноември 2024

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата испрати отворено писмо до премиерот Ковачевски

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата испрати отворено писмо до премиерот Ковачевски

30 јуни 2023 

Ве известуваме дека Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата испрати отворено писмо до премиерот Ковачевски, со барање за стопирање на притисокот кон независните институциите во борбата против корупцијата.

Писмото во целост го споделуваме со вас: 
 
До: Димитар Ковачевски, Претседател на Влада на Република Северна Македонија
 
Предмет: Барање за стопирање на притисокот кон независните институциите во борбата против корупцијата
 
Почитуван г-дин Ковачевски
Платформата на граѓански организации за борба против корупција бара од претставниците на Владата на Република Северна Македонија да престанат со креирање притисок врз независните институции кои работат во областа на борбата против корупцијата и да обезбедат нивно непречено работење и остварување на нивните надлежности.

Напоменуваме дека критики за исполнување на надлежностите на која било институција се добронамерни и прифатливи се додека се засноваат врз докази и остварени или неостварени резултати. Во спротивно, кога критиките се засновани врз лични, паушални, перцепции и доаѓаат од високи функционери се сметаат за директен притисок врз работењето на институциите.

Платформата укажува дека со одбивањето на одговорност на институциите за непреземените обврски од своја надлежност, само се покажува незрелост и неспремност и освен декларативни заложби за борба против корупцијата нема реални резултати кои ќе придонесат кон подобра општествена состојба. Изненадувачки е дека сè уште отсуствува функционална соработка помеѓу институциите и покрај повеќегодишните наши препораки и заклучоци за нејзино унапредување, за да се овозможат мерки и политки кои ќе бидат во насока на сузбивање на корупцијата.

Апелираме дека во овој момент тоа што треба да е приоритет на секој министер и на Владата во целост е да се фокусираат на антикорупциските ветувања кои земјата ги дала кон граѓаните и кон меѓународната заедница, меѓу кои се и реформа и независност на правосудството, департизација на јавната администрација, професионализација на раководната служба.

Земајќи го сето ова предвид, Платформата инсистира да се престане со притисоците кон независните тела за борба против корупцијата, особено кон Државната комисија за спречување на корупцијата, и да се овозможи нивно непречено работење со цел зачувување на владеењето на правото. Дерогирањето на работата на овие институции од страна на високи владини функционери е спротивно на заложбите за борба против корупцијата и очекувањата на граѓаните за унапредување на состојбата во која за нив корупцијата е најголем општествен проблем.
 
Платформа на граѓански организации за борба против корупцијата

—————————————————————————————————————————

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото:  Фејсбук на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата

Остани поврзан