Писателот Стефан Марковски со повеќе активности при резиденцијалниот престој во Руен
- Македонскиот писател Стефан Марковски во рамки на резиденцијалниот престој во францускиот град Руен, учествуваше во повеќе активности посветени на промоцијата на литературата и преведувачката дејност во училиштата.
Брисел, 20 октомври 2023 (МИА) - Македонскиот писател Стефан Марковски во рамки на резиденцијалниот престој во францускиот град Руен, учествуваше во повеќе активности посветени на промоцијата на литературата и преведувачката дејност во училиштата.
Престојот на Марковски во Руен е во рамки на активностите на градот за добивање на титулата трета Европска престолнина на културата во 2028 година, заедно со Скопје и Чешке Будијовице.
Марковски во училиштето „Катерин Бернар“ во местото Барентан одржа работилница со ученици од различни класови, кои интерактивно го преведуваа од македонски на француски јазик текстот на неговата сликовница „Гулапчето Мики“ и приказната ја развиваа понатаму во повеќе насоки.

Освен работилницата, Марковски оствари и серија средби со француски писатели, културни работници и менаџери, како и со уредници на литературни списанија.
По Париз, кој беше избран за Европска престолнина на културата во 1989 година, Авињон во 2000-та, Лил во 2004-та и Марсеј во 2013-та, во 2028 година уште еден француски град ќе ја понесе оваа блескава културна титула. Во потесниот избор покрај Руен се и Клермон-Феран, Бурж и Монпелје. сп/са/
Фото: МИА