• сабота, 18 мај 2024

Пецас: Актуелната ситуација е активна, сериозна, исклучителна и асиметрична закана за националната безбедност на земјата

Пецас: Актуелната ситуација е активна, сериозна, исклучителна и асиметрична закана за националната безбедност на земјата
Атина, 1 март 2020 (МИА) - Актуелната ситуација на границата со Турција претставува активна, сериозна, исклучителна и асиметрична закана за националната безбедност на земјата, рече портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас по состанокот на владиниот совет за национална безбедност и паралелно ги соопшти петте одлуки донесени вечерва, јави дописничката на МИА од Атина. Надградба на максимално ниво на мерките за чување на источните копнени и морски граници на Грција за спречување на нелегални влегувања во земјата; привремено одложување на еден месец на барањата за азил за оние кои нелегално влегуваат во земјата; кога е можно, веднаш, без регистрација, да се враќаат назад оние кои нелегално влегуваат на грчка територија; доставување барање до Фронтекс за групата RABIT со цел чување на грчката, односно границата на ЕУ и известување на Советот на МНР на ЕУ и барање да се преземат мерки за Грција за справување со итната состојба поради ненадеен прилив на државјани на трети земји, се мерките кои ги соопшти Пецас. -Во последните денови, Грција е на мета на ненадеен, масовен, организиран и координиран притисок од движењата на луѓето кон источните копнени и морски граници. Ова движење е насочено и охрабрено од Турција. Со овие активности се прекршуваат обврските што произлегуваат од Заедничката декларација на Европската унија - Турција. Турција, наместо да ги ограничи мрежите на криумчари на мигранти и бегалци и самата стана криумчар, рече портпаролот на грчката влада по завршувањето на состанокот. Тој истакна дека насобраните лица на границата, насилно се обидуваат да влезат на грчка територија. -Конкретните луѓе, Турција ги користи како пиони за да врши дипломатски притисок, рече Пецас додавајќи дека Грција има суверено право и уставна обврска да го заштити нејзиниот интегритет. ср/ссм/

Остани поврзан