• понеделник, 23 декември 2024

Петровска – Најт: Северна Македонија и Вермонт покажаа како се создава вистинско сојузништво

Петровска – Најт: Северна Македонија и Вермонт покажаа како се создава вистинско сојузништво
Скопје, 17 август 2022(МИА) - Република Северна Македонија и американската држава Вермонт имаат исклучително блиска соработка од која учиме и ние и Националната гарда на Вермонт, се развиваме заедно и ги зголемуваме капацитетите како сојузници во НАТО. Тоа го истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната средба со генерал-мајот Грегори Најт, командант на Националната Гарда на Вермонт, кој допатува во Скопје по повод Денот на Армијата и јубилејот „30 години Армија“.  -Ние сме амбициозни затоа што знаеме дека ако сме посветени како и досега, нема граница за она што можеме да го постигнеме и во доменот на интероперабилноста, и во развојот на вештините и способностите на припадниците на Армијата и на Националната гарда на Вермонт, рече Петровска. Министерката посочи дека нема подобар пример за заедништво од она на кое сите бевме сведоци во текот на месец мај, кога армиските припадници и припадниците на Националната гарда на Вермонт заеднички се обучуваа на армискиот полигон „Криволак“ во рамки на досега најголемата вежба реализирана во Северна Македонија, „Swift Response 22“. Петровска упати благодарност до генералот Најт и Националната гарда и за континуираната поддршка во развојот на капацитетите на армиската единица за АБХО.  На средбата, министерката Петровска се осврна и на идните планови во соработката – реализацијата на вежбата „Defender 23“ следната година, можностите за проширување на соработката преку трилатерално партнерство помеѓу Северна Македонија, Вермонт (САД) и Австрија, како и развојот на капацитетите за сајбер одбрана и развојот на подофицерскиот кор, кој е столбот на Армијата.  Генералот Најт порача дека Националната гарда на Вермонт останува силно посветена на партнерството со Северна Македонија, кое може да послужи како одличен пример како заеднички се развива интероперабилноста која е клучна во НАТО – Алијансата.  Програмата за партнерство со Националната гарда на Вермонт е иницирана во 1994 година, а досега повеќе од 7.000 припадници на Армијата биле дел од заедничките активности. На Националната гарда на Вермонт доделен и е Орден за заслуги, а годинава министерката Петровска на генералот Најт ќе му додели плакета по повод 30-годишниот јубилеј и долгогодишната успешна соработка. ир/ац/

Остани поврзан