• понеделник, 23 декември 2024

Петровска: Транспарентноста е најдоброто оружје во борбата против лажните вести

Петровска: Транспарентноста е најдоброто оружје во борбата против лажните вести
Скопје, 7 септември 2022 (МИА) - Комуникацијата е клучна за нас, а тоа најдобро ни го покажа воената агресија врз Украина, која континуирано е проследена со информациска војна со една цел да ја поткопа довербата во целокупните цивилизациски вредности, да го поткопа нашиот суверенитет како Алијанса. Ширењето лаги е секогаш најлесниот пат по кој може да се допре до јавноста и да се влијае до неа, а ефектите од тие лаги се погубни. Огромна е одговорноста на НАТО-комуникаторите во оваа војна да ја извојуваат победата на вистината и праведноста и трајните цивилизациски вредности. Ова го истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска во обраќањето на отворањето на НАТО – Конференцијата за комуникатори, чиј домаќин оваа година по прв пат е Северна Македонија. Според неа, најважната силна политичка порака од овој форум е дека НАТО е Воено-политички сојуз кој е буден и ги следи безбедносните предизвици од сите аспекти. Ги следи, реагира, но и се менува. - На сите вам ви е добро позната воената доктрина која гарантира успех, а предвидува четири инструменти на национална моќ, а тие инструменти се информација, економија, дипломатија и војска. Вие, нашите НАТО-комуникатори држите еден од четирите инструменти на моќ во вашите раце. Во вашите раце се информациите и ракувањето со нив е од огромно значење. Секој од вас присутен овде, а ве има од речиси сите сојузнички земји треба беспрекорно да ја заврши својата улога и на крај заеднички уште еднаш да кажеме дека НАТО, 73 години по неговото основање останува најмоќната Алијанса водена од вистинските вредности, а тоа се индивидуалната слобода, демократијата, човековите права и владеењето на правото, нагласи министерката Петровска. Таа нагласи дека е потребно пораките на НАТО да допрат до сите, дека, пред сè, веруваме во мир, но дека сме цврсто решени да го заштитиме нашиот суверенитет, демократии и нашата слобода, а Северна Македонија, вели, како најмладата земја членка знае дека најдобриот пат напред е кога чекори заедно со своите сојузници и истомисленици, ги користиме придобивките, но и придонесуваме кон колективните цели на Алијансата. - Трета година по ред МО е прогласено за најтранспарентна институција во земјата, а од оваа година во резултатот ни се приклучи и Владата како институција со 100 процентна активна транспарентност. Знаеме колку е важно да ги заштитиме националните интереси и безбедност на секој наш граѓанин, но знаеме и дека е подеднакво важно да одговориме на секое прашање кое е од интерес на јавноста бидејќи тоа е најдоброто оружје против лажните вести. Ги препознаваме опасностите од манипулација со информациите и лажните вести и затоа сме во процес на формирање на Центар за односи со јавност чија главна цел ќе биде токму борбата со дезинформациите. Во својата сегашна форма на повеќето од вас ви познат како Регионален центар за односи со јавност и истиот ќе добие дополнителни функции и одговорности со фокус на спротивставување на лажните вести и дезинформации што особено се присутни во овој дел на Европа и Северна Македонија. Со помош на НАТО овој Центар ќе стане додадена вредност на Алијансата во целина и голема предност што ќе биде од корист за нашата колективна потреба по вистината, порача министерката за одбрана Петровска. На отворањето на Конференцијата, се обрати премиерот Димитар Ковачевски, а покрај министерката за одбрана Славјанка Петровска, се обрати и помошничката на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија, Баиба Браже, а видео-обраќања ќе имаат и командантот на Сојузничката команда за операции, генералот Кристофер Каволи и командантот на Сојузничката команда за трансформација, генералот Филип Лавињ. На Конференцијата во Скопје ќе учествуваат околу 300 лица, а ќе бидат организирани неколку панели посветени на стратегиските комуникации, на што ќе претходат неколку работни групи во оваа област.вг/мс/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан