• среда, 10 јули 2024

Петровска: Со Планот за развој на одбранбените способности ќе се воспостави финансиски прифатлив и одржлив одбранбен сектор и модерна и флексибилна Армија

Петровска: Со Планот за развој на одбранбените способности ќе се воспостави финансиски прифатлив и одржлив одбранбен сектор и модерна и флексибилна Армија

Скопје, 11 април 2023 (МИА) - Собраниската Комисија за одбрана и безбедност денеска го проследи на натамошна постапка во Собранието Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2023-2032 година.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, образложувајќи го планот на денешната седница на Комисијата, истакна дека тој е всушност основниот документ што дава проекција на одбранбените и воените способности на Министерството за одбрана и на македонската Армија што се потребни за извршување на барањата од стратегиските документи - Националната стратегија за безбедност, Стратегијата за одбрана, Долгорочниот план за развој на одбранбените способности, Планот на одбраната.

-Со вклучувањето во процесот на одбранбено планирање на НАТО, Република Северна Македонија презеде конкретни обврски за развој на конкретни способности и капацитети кои се неопходни за исполнување на трите клучни задачи на НАТО, а тоа е колективна одбрана, кризен менаџмент и оперативна безбедност. Во полноправното наше членство во Алијансата се наметна и потребата од трансформација на одбранбениот систем. Треба да се очекува дека трансформацијата ќе прерасне во организациски двигател на националните процеси кои се во поддршката на сеопфатна сојузничка динамика и подвижност, рече Петровска.

Една од поважните области на која се обрнува внимание, како што кажа, е системот на отпорност и подготвеност, кој претставува национална одговорност и согласно воспоставените сојузнички параметри во периодот што следува, додаде Петровска, ќе биде и соодветно дефиниран, воспоставен и интегриран во целата одбранбена инфраструктура.

-Во таа насока и во долгорочниот план се планира динамична набавка на современа технолошко техничка опрема која согласно цврсто определени приоритети кои се пред се за остварување на националните потреби за националната безбедност, но и за соодветните НАТО цели на способности. Главната цел на овој план е воспоставување на финансиски прифатлив и одржлив одбранбен сектор и модерна и флексибилна Армија со нова структура и со намалена бројна состојба која ќе биде способна за извршување на одбранбените мисии од Уставот на Републиката, националните стратешки документи и задачи кои се произлезени од НАТО стратегискиот концепт, истакна Петровска.

За таа цел, како што посочи, долгорочниот план се базира на проектирано стабилно буџетирање на одбраната на подолг временски период при што е запазен постепениот раст и достигнување на два проценти од БДП до 2024 година и над 20 проценти да бидат потрошени или инвестирани во опремување и модернизација на Армијата.

Министерката информира дека веќе подолго време во Армијата работи тим од експерти кои ги согледуваат можностите за дополнителна набавка на дронови и за каква цел би биле употребувани. 

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки во натамошната дискусија, укажа дека кога се изработуваат вакви документи истите треба да имаат конзистентност.

-Ние како партија секогаш ќе ја поддржуваме Армијата и ќе гласаме позитивно во овој контекст, овој план ќе го поддржиме иако има пропусти во него. На пример во делот на заканите како се третираат во стратегијата за одбрана од 2020 пишува дека заканата по Македонија е „минимална“, во долгорочниот план кажува дека е „малку веројатно“..Кога се разработуваат вакви проблематики терминологијата мора да биде идентична, рече Ковачки. мс/нд/

 

Остани поврзан