• недела, 22 декември 2024

Петровска-Ѓулер: Македонско-турската одбранбена соработка продолжува да се развива

Петровска-Ѓулер: Македонско-турската одбранбена соработка продолжува да се развива

Скопје, 26 јули 2023 (МИА) - Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Истанбул се сретна со нејзиниот турски колега, министерот за национална одбрана Јашар Ѓулер, со кого разговараше за македонско-турските одбранбени односи, безбедноста на Балканот и зацврстувањето на колективната безбедност на Алијансата.

-Досегашната речиси тридецениска одбранбена соработка меѓу Северна Македонија и Турција ни овозможи да имаме подобра, поопремена, посилна Армија. Северна Македонија е уверена во највисоките стандарди на турската одбранбена индустрија, а доказ за тоа е и набавката на нови артилериски системи за Армијата од реномирани турски компании. Овие артилериски системи ќе ја зацврстат нашата колективна безбедност во Алијансата, рече министерката на средбата.

Петровска се осврна и на турската поддршка во опремување и модернизација на Армијата, која досега изнесува околу 30 милиони долари. Согласно воено-финансиската соработка со Турција, набавени се различни видови возила, вклучувајќи и влечен воз за потребите на Армијата, разни видови опрема и резервни делови, како и лично вооружување и муниција.

Министерот Ѓулер истакна дека Турција високо ја цени соработката со Северна Македонија во областа на одбраната и порача дека земјата останува посветена на поддршката во развојот на капацитетите на Армијата на Република Северна Македонија како Армија на пријателска земја и земја – сојузник.

Како што велат од МО, двете земји соработуваат во полето на одбраната од 1994 година. На високите воени школи во Турција досега на школување биле упатени 64 армиски офицери. Припадниците на Армијата во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан беа дел од турскиот контингент, додека во моментов армиските припадници во ЕУ операција АЛТЕА во Босна и Херцеговина се исто така дел од турскиот контингент. сст/нд/

Остани поврзан