• понеделник, 23 декември 2024

Пензионерите од Куманово бесплатно ќе користат јавен превоз

Пензионерите од Куманово бесплатно ќе користат јавен превоз
Куманово, 2 јули 2021 (МИА) - Општина Куманово ќе го субвенционира јавниот превоз за пензионерите од градот, информираше денеска градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски. Средствата во вредност од 1, 5 милиони денари се обезбедени со ребаланс на буџетот. - Дадов предлог на советот со ребалансот на буџетот да се предвидат средства во износ од 1,5 милиони денари со кои ќе се субвенционира превозот на пензионерите. Субвенционирањето ќе се спроведува во соработка со здружението на пензионери и локалните превозници. Пензионерите заслужуваат ваква поддршка, изјави Димитриевски. Тој денеска одржа работна средба со претставници на Сојуз на здружение на пензионери на државата и Здружението од Куманово. Градоначалникот Димитриевски нагласи дека општината ќе продолжи да дава придонес за пензионерите и понатамошната соработка ќе им обезбеди подобри услови во сите сфери од општествениот живот. Димитриевски во своето излагање потенцира дека се разговара за можни идни соработки, а изградба на нов Дом за пензионери во Куманово ќе биде еден од приоритетите на општината. - Нашата соработка била и ќе продолжи да биде на највисоко ниво. Можеби во иднина ќе успееме да дојдеме до локација за изградба на Дом за пензионери во Куманово за да се зголемат постоечките капацитети што ги имаме на располагање во општината, додаде тој. Претседателката на Сојузот на Здружение на пензионери на РСМ, Станка Трајкова по средбата со градоначалникот изјави дека е разговарано за значајни прашања кои се од витално значење за пензионерската популација во општина Куманово. - Разговаравме за материјално-социјалниот статус на корисниците на пензија, традиционалните активности кои се одвиваат во здружението, а значат активно стареење на возрасните лица, како и моментите коишто значат социјално домување на пензионерите. Сето она коешто денес на средбата беше презентирано како конкретни постигнати резултати говори дека градоначалникот на општина Куманово навистина добро го проучил членот 22 од Законот за локална самоуправа и се грижи за пензионерите како возрасни лица во Куманово, односно околу 14.000 корисници на пензија, изјави Трајкова. И Димитриевски и Трајкова ја посочија добрата соработка особено во време на пандемијата. ам/цр

Остани поврзан