Пендаровски: Армијата покажа професионализам, дисциплина и посветеност во справувањето со Ковид 19
- Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, денеска во „Вила Водно“ прими припадници на Армијата, кои учествуваат во справувањето со пандемијата на КОВИД-19.
Станува збор за припадници на Армијата, ангажирани во Дебар, Центар Жупа и во Куманово, во кризните подрачја на северната и на јужната граница и за обезбедување на објекти наменети за карантинско сместување, соопшти прес-службата на Кабинетот на претседателот.
Припадниците на Армијата во разговорот со претседателот Пендаровски споделија дел од искуствата, информирајќи го за одличната соработка со локалното население за време на нивниот ангажман во изминатите два месеца. Соговорниците изразија задоволство што ниту еден од припадниците на Армијата не се заразил со КОВИД-19 за време на вршењето на должноста во кризните подрачја.
Пендаровски изрази благодарност до сите припадници на Армијата, за вложените напори во справувањето со пандемијата од КОВИД-19 и поддршката што ја даваат на институциите, особено на Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи и единици на локалната самоуправа.
- Благодарение на вашата професионалност и посветеност во исполнувањето на задачите, Северна Македонија денес е членка на НАТО, а Армијата во континуитет ужива највисока доверба кај граѓаните, рече претседателот Пендаровски.
Тој истакна дека припадниците на Армијата, без исклучок, се секогаш меѓу првите што пружаат помош и поддршка во кризни ситуации, честопати помагајќи и во задачи што примарно се надлежност на други институции.
- Како Врховен командант сум горд на вашите несебични заложби, покажаниот висок професионализам, дисциплина и посветеност во овие тешки времиња. Вашата подготвеност да помогнете таму кадешто е најмногу потребно треба да ни биде пример за сите нас. Во моментите кога целиот свет се соочува со пандемијата на КОВИД-19, вие ни покажувате колку е важно да бидеме солидарни еден кон друг и да се помагаме меѓусебно. Ви благодарам за вашата посветена работа, рече претседателот Пендаровски на средбата со припадниците на Армијата. нд/лв/