• понеделник, 23 декември 2024

Пендаровски ќе одликува со Орден „8 Септември“ четворица македонски спортисти

Пендаровски ќе одликува со Орден „8 Септември“ четворица македонски спортисти
Скопје, 8 септември 2022 (МИА) - По повод Денот на независноста на Република Северна Македонија - 8 Септември, претседателот Стево Пендаровски денеска на свечена церемонија ќе ги одликува со Орден „8 Септември“ македонските спортисти Оливера Наковска-Бикова, Бранимир Јовановски, Шабан Трстена и Дејан Георгиевски. Како што соопштија од претседателскиот кабинет, Оливера Наковска-Бикова ќе биде одликувана со Орден „8 Септември“ за својата извонредна, богата и успешна спортска кариера во параолимпиското и во спортското стрелаштво. Наковска-Бикова постигнува бројни успеси на натпревари во стрелачки спортови. Таа е повеќекратна државна шампионка и апсолутна рекордерка на Република Северна Македонија во дисциплината воздушен пиштол. Во оваа дисциплина го освојува златниот медал на Летните параолимписки игри во Лондон, со што придонесе за меѓународна афирмација и за угледот на државата. Бранимир Јовановски, за извонредните резултати во својата 20-годишна спортска кариера. Тој е првиот македонски параолимпиец кој освоил златен медал на една параолимпијада. Во текот на својата кариера, покрај златниот параолимписки медал, освоил и други сребрени, златни и бронзени медали на разни европски првенства и на меѓународни натпревари. Значаен е неговиот огромен успех како тренер и како селектор, а избран е и за најдобар тренер на македонската репрезентација во стрелаштво за лица со попреченост. Неговиот придонес за меѓународна афирмација и за угледот на државата е огромен.  Шабан Трстена ќе добие Орден за освојувањето златен медал во борење на Летните олимписки игри во 1984 година, запишувајќи се со златни букви во историјата на македонскиот и на светскиот спорт како најмлад олимписки шампион, како и за освојувањето на сребрениот медал на Олимпијадата во Сеул во 1988 година и на бронзениот медал на Светскиот шампионат во борење во 1982 година. Трстена е повеќекратен младински и сениорски првак на Југославија. Тој е прогласен за спортист на XX век на Република Северна Македонија. Шабан Трстена е пример како со извонреден успех може да се стане симбол на својата земја и на таков начин да се придонесе за нејзина меѓународна афирмација. Дејан Георгиевски, за постигнување историски најголем и повеќекратен успех во сферата на спортот од независноста на нашата држава. Со освојувањето на сребрениот медал на Олимписките игри во Токио во теквондо, е прогласен за најдобар спортист на Република Северна Македонија за 2021 година. Воедно, тој е добитник и на неколку сребрени и бронзени медали, со што придонесува за меѓународна афирмација и за угледот на државата.

По повод одбележувањето на Денот на независноста, делегација од Кабинетот на претседателот ќе положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата, Киро Глигоров и Борис Трајковски, во Алејата на великаните на Градските гробишта Бутел во Скопје.бт/са/

Остани поврзан