Пендаровски: Целосната и забрзана интеграција на Западен Балкан во ЕУ, е од исклучителна важност за Европа
- - Во овие тешки времиња кога европскиот континент се соочува со безбедносни предизвици и економска криза, мора да покажеме обединетост и да ја зајакнеме меѓусебната регионална соработка, вели

Скопје, 12 септември 2022 (МИА) - Целосната и забрзана интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, е од исклучителна важност за Европа, објави на фејсбук претседателот Стево Пендаровски, кој учествува на состанокот на лидерите на државите од Процесот Брдо-Бриони.
- Во овие тешки времиња кога европскиот континент се соочува со безбедносни предизвици и економска криза, мора да покажеме обединетост и да ја зајакнеме меѓусебната регионална соработка, вели Пендаровски.
На состанокот, што се одржува во Брдо кај Крањ, учествуваат и претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, претседавачот и двајцата членови на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, Милорад Додик и Жељко Комшиќ, претседателката на Република Косово, Вјоса Османи, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.
На лидерскиот состанок се дискутира за актуелните клучни теми во регионот и Европа, за процесот на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, за безбедносната состојба и руската агресија врз Украина, како и за мерките и начините за справување со енергетската и економската криза со кои се соочуваме, како последица на војната во Украина.
Процесот Брдо-Бриони, како заедничка иницијатива на Словенија и Хрватска, е формиран во 2010 година, со цел забрзување на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, преку решавање на отворените билатерални и регионални политички прашања, и претставува една од најважните политички иницијативи во Југоисточна Европа, која воедно го трасираше патот за формирање на Берлинскиот процес.цр/са/

