• петок, 22 ноември 2024

Пендаровски се обрати на 41. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Пендаровски се обрати на 41. издание на фестивалот „Браќа Манаки“
Битола, 19 септември 2020 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски вечерва, во Пациото на НУ Завод и музеј Битола, присуствуваше и се обрати на 41-то издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“. Продолжувајќи го традиционалното покровителство на оваа значајна манифестација, претседателот Пендаровски истакна дека е добро што и покрај пандемијата на Ковид-19, „Браќа Манаки“ се одржува и годинава во скратена и во изменета форма. -Дозволете да ве поздравам како покровител на првиот и меѓу стотиците филмски фестивали, еден од само неколкуте во светот, кои се фокусирани на кинематограферите, фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“. Станува збор за еден од најзначајните културни настани во нашата земја, настан во кој е вткаена богата историја, многу ентузијазам и љубов кон филмската уметност. Благодарение на овој фестивал, Битола и нашата држава се препознаени во светот на седмата уметност, истакна Пендаровски. Оваа година на фестивалот го нема црвениот тепих и препознатливиот гламур пред Центарот за култура во Битола, ги нема филмските проекции и полната киносала и гостите од светот на филмот. -Пандемијата со Ковид-19 ги промени сите планови и предвидената програма за 41. издание на „Браќа Манаки“. Сепак, традицијата продолжува, и во скратена и во изменета форма фестивалот  и понатаму живее, вели Пендаровски. Добитник на наградата „Златна камера 300“ за животно дело или животен опус,  оваа година е полско-американскиот кинематографер Јануш Зигмунд Камински. Наградата  „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, ја доби  режисерот и сценаристот Столе Попов. Пендаровски им честита на добитниците и им посака уште многу филмски проекти. Тој ја искористи приликата да го изрази своето уверување дека сите помагачи на фестивалот, централната и локалната власт, бизнис-заедницата, филмските работници, се и ќе продолжат да бидат и понатаму со фестивалот. -Деновите поминати во карантин, во изолација, во нашите домови за време на полициските часови нè потсетија колку значајно место во нашите животи имаат подвижните слики. Тие беа една од основните преокупации и можност за квалитетно поминување на нашето време. Дали пред телевизиските екрани или пред компјутерите, филмовите даваа ведрина и смисла на нашето потполно изменето секојдневие“, истакна претседателот Пендаровски. Тој додаде дека во деновите на пандемијата се увиде важноста на уметноста и моќта и улогата на филмот, а искуството на гледање филм на големото филмско платно е незаменливо и се надева дека со нормализирање на состојбата, повторно повторно, со зголемен ентузијазам и со љубопитност ќе се вратиме во кино салите.    Пендаровски посака добро здравје и бериќетна работа и се надева дека следната година, 42-то издание на „Браќа Манаки“ ќе биде во нормални околности. ки/ац/  

Остани поврзан