• петок, 15 ноември 2024

Пендаровски: Сè додека го зборуваме, создаваме и твориме на македонски, нашиот јазик ќе постои и сите негови ирационални негации ќе бидат беспредметни

Пендаровски: Сè додека го зборуваме, создаваме и твориме на македонски, нашиот јазик ќе постои и сите негови ирационални негации ќе бидат беспредметни

Скопје, 5 мај 2024 (МИА) - Сè додека го зборуваме, сè додека создаваме и твориме на македонски, нашиот јазик ќе постои и сите негови ирационални негации ќе бидат беспредметни, стои меѓу другото во пораката од претседателот на Стево Пендаровски по повод 5 Мај - Денот на македонскиот јазик.

-Нека ни е честит 5 Мај – Денот на македонскиот јазик. Пред точно 79 години беше озаконета македонската азбука со што континуираниот развој на македонскиот јазик низ вековите конечно добива своја рамка и се формализира. Од првите црковнословенски ракописи од 10 век, преку јасно пројавената свест за неговата посебност во деветнаесеттиот век, што кулминира со делото на Мисирков, па понатаму преку Рацин до Конески, Кепески, Лапе..., сè до ден-денешен, македонскиот јазик се развива и се збогатува зацврстувајќи ја својата позиција во светското семејство на јазиците, се наведува во порака.

Македонскиот јазик како официјален јазик во нашата татковина, се посочува, го зборуваат нашите граѓани, многубројните Македонци во дијаспората, но и многу вљубеници и почитувачи слависти-македонисти низ целиот свет.

-Сè додека го зборуваме, сè додека создаваме и твориме на македонски, нашиот јазик ќе постои и сите негови ирационални негации ќе бидат беспредметни. Сè додека се живи говорителите ќе биде жив и јазикот, и сè додека е жив македонскиот јазик ќе постои и нашиот македонски идентитет. Затоа да го чуваме и да го негуваме, и секогаш да ги ползуваме најблагите и најубавите зборови изразувајќи си почит, внимание и љубов, стои во пораката од претседателот Стево Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик. вг/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан