• четврток, 14 ноември 2024

Пендаровски: Русија ги злоупотребува протестите

Пендаровски: Русија ги злоупотребува протестите
Скопје, 8 јули 2022 (МИА) - Тоа што го знам и го добивам од безбедносните органи е дека постојат елементи кои во земјава доаѓаат од регионот. Северна Македонија во овој момент е под интензивирани хибридни напади слични на нивото кое го имавме во 2018 година, изјави претседателот Стево Пендаровски на вечерашното гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21. - Значи Северна Македонија во овој момент е под интензивни хибридни напади, слични на нивото што го имавме во 2018 година кога организиравме референдум за името и тоа нема никаква врска со луѓето кои протестираат. Пред два дена на социјалните мрежи имаше објави за луѓе во Гостивар и Тетово во униформи на УЧК и сега тоа го врзуваат со изјавата на Османи... Нема врска со УЧК, ниту некој добива закани, истакна тој. Пендаровски рече дека Руската Федерација ги злоупотребува протестите и информираше дека има странци кои се дојдени да предизвикуваат инциденти на протестите. - Трети страни, прецизно Руската Федерација го злоупотребува тоа што граѓаните легитимно протестираат против францускиот предлог. Имаме неколку луѓе кои се дојдени од соседните држави и предизвикуваат инциденти на протестите, истакна претседателот и додаде дека овие податоци ги знаат сите надлежни органи и во соработка со НАТО се прави се за да се превенира, бидејќи и од таму се добиваат информации за тоа кој пристигнал. Пендаровски нагласи дека на самите протести има некои симболи, обележја, со кои, како што рече се заговара втор 27 април, но и реванш за 2001 година и додаде дека тие идеи почнуваат да се кодираат. -Во ова време сега, кога имаме брутална руска агресија во Украина, а ти повторно да играш на руска карта и да не водиш сметка за интересите на својата држава, рече Пендаровски и додаде дека безбедносната ситуација во Северна Македонија се затегнувса. сх/ац/

Остани поврзан