• сабота, 23 ноември 2024

Пендаровски: Мудроста на Св. Климент да ни бидат водилка и патоказ низ премрежја

Пендаровски: Мудроста на Св. Климент да ни бидат водилка и патоказ низ премрежја

Скопје, 8 декември 2020 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски, по повод христијанскиот празник Свети Климент Охридски, упати честитка до Господин Господин Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустиниана Прима.

-Св. Климент Охридски верно продолжувајќи го делото на своите учители, Светите Кирил и Методиј, ги постави темелите на духовноста и просветителството на нашите простори. И после 11 века од неговото упокојување, неговото дело го издржа судот на времето, не престанувајќи да биде инспирација и мотивација не само за македонските граѓани, туку пошироко на Балканот и во Европа.

Свети Климент Охридски не остави само големо духовно и просветителско наследство, туку и со личен пример на дело покажа што значи милост, трудољубивост,  трпение, солидарност.  Токму овие доблести ни се неопходни во време, кога како и целото човештво се бориме со пандемијата на Ковид 19 и разорните последици што таа ги носи. За жал токму сега, како народ и држава сме ставени пред дополнителни  тешкотии  и предизвици, при  што ни се негира минатото, обременува сегашноста и загрозува иднината . Посакувам делата и мудроста на Св. Климент да ни бидат водилка и патоказ низ премрежја, а неговата верба и љубов поткрепа во искушенијата кои само сложни и обединети можеме ги надминеме, се вели во честитката од претседателот Пендаровски.

Шефот на државата по повод големиот празник Св. Климент Охридски на г.г. Стефан и на членовите на Светиот архиерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на сите православни верници им упати најсрдечни честитки, посакувајќи им денот посветен на патронот на МПЦ-ОА да го поминат во добро здравје, хармонија и радост. дма/

 

Остани поврзан