• сабота, 23 ноември 2024

Пелони: Осудениот за 11 убиства уценува со штрајкот со глад и бара привилегиран третман

Пелони: Осудениот за 11 убиства уценува со штрајкот со глад и бара привилегиран третман
Атина, 1 март 2021 (МИА) – Очигледно е дека осудениот за 11 убиства Димитрис Куфодинас бара привилегиран третман вон рамките на законот. Уценува со штрајкот со глад што самиот го избра, рече портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони, на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина. Говорејќи за случајот со Куфодинас кој веќе 52 дена штрајкува со глад, а од минатата седмица не прима ни течности, Пелони објасни дека тој не доставил жалба до правдата за неговото барање, иако постои ваква можност, а самиот избрал да го стави во опасност неговиот живот. -Државата е должна да го спроведува законот без дискриминација. И тоа ќе го стори. Уцената на осудениот на повеќе доживотни затворски казни, со која се согласува опозицијата, не се однесува на мнозинството од општеството, кое има други проблеми, други агонии и други приоритети. Се однесува на мало малцинство, со кое се согласува СИРИЗА, истакна владината портпаролка, додавајќи дек Грција нема да стане „уценета демократија, ниту исплашена држава“. Во однос на барањето тој да биде префрлен во атинскиот затвор Коридалос, што воедно е и причината за штрајкот, Пелони објасни дека врз основа на новиот закон, конкретниот затвор е наменет за осуденици за полесни кривични дела. Штрајкот со глад на еден од лидерите на терористичката организација „17 Ноември“ и неговата влошена здравствена состојба во изминатите денови е актуелна тема во Грција, како на политичката сцена, така и во општеството. Адвокатите и правниците кои собираа потписи за поддршка на барањето на Куфодинас и во саботата одржаа мирен протест во Атина, за попладнево закажаа нов собир. Поддржувачите на Куфодинас, во изминатиот период, освен што одржаа низа протести, предизвикаа и низа инциденти, како што се упади во политички канцеларии на министри од Владата, напади со молотови коктели на полициска станица и полициско возило во движење,  запалени возила и банкомати, искршени продавници и сл, а според грчките медиуми, од почетокот на штрајкот со глад на 8 јануари, биле регистрирани над 300 инциденти. Со писмо до медиумите излегоа и семејствата на жртвите на тероризмот, кои упатуваат неколку пораки. -До убиецот: и покрај фактот што уби наши блиски, го повикуваме да отстапи од неговото барање и да живее. Ако умре, нема да се врати никој од нашите блиски. До оние кои ја повикуваат државата да отстапи за да не умре убиецот: Ве повикуваме наместо да барате да отстапи државата, да побарате од убиецот да го прекине штрајкот со глад. Ако сметате дека е во право, тоа нека го бара од правдата, пишуваат во писмото роднините на жртвите. Меѓу жртвите на терористичката организација „17 Ноември“ е и поранешниот пратеник на Нова демократија Павлос Бакојанис, кој беше сопруг на Дора Бакојани, зет на актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис и таткото на градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис. Бакојанис беше убиен во 1989 година на влезот од зградата каде што се наоѓаше неговата канцеларија. ср/сд/

Остани поврзан