Пезешкијан го пофали Пакистан за посредништвото во прекинот на огнот, повика на единство
- Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ја пофали улогата на Пакистан во посредувањето во неодамнешните разговори за прекин на огнот во конфликтот на Иран со САД опишувајќи ги напорите на Исламабад како „ефикасни и одговорни“, со порака дека Иран останува посветен на траен мир и стабилност во регионот.
Техеран, 17 април 2026 (МИА) - Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ја пофали улогата на Пакистан во посредувањето во неодамнешните разговори за прекин на огнот во конфликтот на Иран со САД опишувајќи ги напорите на Исламабад како „ефикасни и одговорни“, со порака дека Иран останува посветен на траен мир и стабилност во регионот.
За време на состанокот во Техеран со командантот на пакистанската армија Асим Мунир, Пезешкијан изрази благодарност за улогата на пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф во олеснувањето на прекинот на огнот, како и за дипломатските напори за време на разговорите во Исламабад, објави„ Иран прес ТВ“.
Иранскиот претседател нагласи дека Техеран се стреми кон стабилност и ги смета сите исламски земји за браќа повикувајќи на зајакнување на единството меѓу муслиманските држави за да се спречат понатамошни конфликти и надворешни интервенции во регионот.
Тој нагласи дека Иран презема, како што рече, одбранбени акции во самоодбрана, но во исто време повика на зајакнување на соработката и избегнување на понатамошна ескалација.
Пезешкијан оцени дека исламските земји би можеле да работат заедно на сопствените безбедносни механизми и долгорочна стабилност споредувајќи ја оваа идеја со постојните модели на регионална соработка во другите делови од светот.
Мунир изрази задоволство од средбата и ја нагласи потребата од колективна соработка во реконструкцијата и стабилизацијата на регионот наведувајќи дека, иако војната ќе заврши, регионалниот поредок ќе се промени во споредба со претходната состојба.
Двете страни ја нагласија важноста од зајакнување на билатералните односи и заедничкото дејствување со цел долгорочен мир и стабилност во регионот. мс/
фото: ДПА