• понеделник, 23 декември 2024

Папата започнува канонизација на таткото на модерната ЕУ, Роберт Шуман

Папата започнува канонизација на таткото на модерната ЕУ, Роберт Шуман
Лондон, 20 јуни 2021 (МИА) - Папата Франциск го става францускиот државник Роберт Шуман, еден од основачите на модерна Европа, на патот кон канонизација во Римокатоличката црква, пренесува Би-Би-Си. Ватикан соопшти дека папата го одобрил указот за признавање на „херојските доблести“ на Шуман, рана фаза во долгиот процес што може да доведе до канонизација. Шуман, кој почина во 1963 година, беше клучен за создавањето на денешните европски институции. Неколку папи ја пофалија улогата на Шуман, побожен католик, во обидот да се прекине циклусот на војни во Европа. Указот значи дека тој веќе ја има титулата „преподобен“ во Црквата. Роден во Луксембург во 1886 година и натурализиран како француски државјанин, тој беше уапсен од Гестапо по германската окупација на Франција во 1940 година, но успеа да избега и продолжи да живее во скривалиште до крајот на Втората светска војна. Во повоениот период, Шуман беше премиер и министер за надворешни работи на Франција. Во 1950 година, тој предложи ресурсите на јаглен и челик да се обединат меѓу европските земји како начин да се избегнат конфликти во иднина. Планот стана познат како Декларацијата на Шуман, а денот кога беше објавен, 9 мај, се слави како Ден на Европа. Шестте основачи - Франција, Западна Германија, Италија, Белгија, Луксембург и Холандија - го потпишаа Парискиот договор, создавајќи ја Европската заедница за јаглен и челик. Се развиваше, за во 1957 година да стане Европска економска заедница и конечно Европска унија во 1993 година. Тој, исто така, одигра клучна улога во основањето на НАТО, Северноатлантската организација, во 1949 година и служеше како прв претседател на претходникот на сегашниот Европски парламент во 1958 година. Кога поднесе оставка поради лошо здравје, ја доби титулата татко на Европа, потсетува Би-Би-Си. .Во 2004 година кампањата за канонизација на Шуман пропадна затоа што организаторите не собраа докази дека тој направил чудо. јт/

Остани поврзан