• петок, 22 ноември 2024

Панел на НАТО во Охрид: Климатските промени како безбедносно прашање за Северна Македонија и за НАТО

Панел на НАТО во Охрид: Климатските промени како безбедносно прашање за Северна Македонија и за НАТО
Охрид, 20 септември 2021 (МИА) – НАТО-Алијансата и сојузниците ги карактеризираат климатските промени како безбедносно прашање од највисок приоритет. Државниот секретар за одбрана Драган Николиќ на денешната панел–дискусија посветена на цивилно-воената поддршка на цивилни катастрофи одржана во рамки на вежбата на НАТО „Северна Македонија 2021“ посочи дека неодамнешните пожари со кои се соочи Северна Македонија како и државите во Југоисточна Европа ги ставиле на тест сите расположиви капацитети, опременоста, пополнетоста со кадар, нивната обученост, но и координираноста на целиот систем за заштита и спасување. Според Николиќ, заклучокот е јасен – системот е поставен, но простор за подобрување има. Николиќ истакна дека Армијата во изминатите години секогаш се вклучувала во кризни состојби, а ефектите од ангажманот на армиските капацитети во справувањето со кризни состојби биле особено забележливи во поплавата што го зафати главниот град во 2016 година, како и пред речиси два месеци кога целосно беше вклучена како поддршка на цивилните институции во справувањето со огнените стихии на територијата на целата земја. Тој потсети дека во периодот од почетокот на август до почетокот на септември беа ангажирани вкупно околу две илајди припадници на Армијата како и армиски воздухоплови што во текот на гаснењето на пожарите реализирале над 80 часови лет и исфрлија над 500 тони вода. - Се боревме со сите расположливи средства и во целост се ставивме на располагање на системот за заштита и спасување зашто Армијата постои за граѓаните и нивната сигурност и безбедност, и во случаи кога се бориме со природните непогоди, рече на панелот државниот секретар, потсетувајќи дека членството во Алијансата било од голема помош за справувањето со овие катастрофи, особено кога станува збор за брзината и отвореноста на сојузниците да помогнат. Според него, системот мора да работи за да биде уште поподготвен за справување со катастрофи од тој тип. Како клучни точки во таа насока тој ги посочи зајакнувањето на системот за одговор на катастрофи – подобрувањето на координацијата, градењето на дуални капацитети во Армијата и подобрувањето на условите за работа во институциите за справување со природни катастрофи. - Потребно е да имаме целосна пополнетост на противпожарните служби, на системот за заштита и спасување, на институциите кои се први во борбата со природните непогоди. И, тука правиме чекори напред – пред само неколку дена со измените на законот за заштита и спасување ги зголемивме платите на пиротехничарите и на инспекторите во Дирекцијата за заштита и спасување. Нам ни е потребен систем во кој работат млади, мотивирани, подготвени и обучени лица, и затоа ги подобруваме условите за работа во институциите кои се дел од овој систем, рече државниот секретар. Инаку, ниту една земја самостојно не може да се справи со природни катастрофи од големи размери, рече Николиќ додавајќи оти Северна Македонија е секогаш првата земја која нуди помош, а сличен пристап демонстрираа и соседните држави и сојузниците кои безрезервно помогнаа во справувањето со пожарите ова лето. На панел-дискусијата, покрај државниот секретар Николиќ, учествуваа и Марк Ди Пауло, директор градење на капацитети во одбранбените институции во НАТО и Шефик Бајрами, помошник директор на Бирото за јавна безбедност. аб/фф/

Остани поврзан