• вторник, 05 ноември 2024

Панел дискусија на ЦИВИЛ: Пласирањето дезинформации не е новост, но доби на актуелизација со руско-украинската војна

Панел дискусија на ЦИВИЛ: Пласирањето дезинформации не е новост, но доби на актуелизација со руско-украинската војна

Скопје, 9 ноември 2023 (МИА) - Невладината организација ЦИВИЛ денеска организираше онлајн панел дискусија на тема „Ослободи го умот: Клучни елементи на борбата против дезинформациите, пропагандата и хибридните закани во Северна Македонија“, чии гости беа универзитетските професори Весна Попоска и Владимир Пивоваров.

Професорката Поповска, на панел дискусијата истакна дека дезинформациите, како дел од хибридната војна, не се новост, но добија на актуелност со руско-украинската војна, како придружни елементи на руската воена интервенција.

Таа рече дека пласирањето на дезинформациите се базира на поткопување на либералните вредности, и се случуваше во повеќе земји кои беа во демократско транзициони процеси. Професорката Поповска посочи дека тоа беше проблем со сите земји од источниот блок, како и со Западниот Балкан, бидејќи се перцепирани како поранливи.

-Хибридната војна не е новост. Заканите, од типот на дезинформации, исто така не се новост. Тие добија на актуелизација со руско-украинската војна, кога дефакто се случи офанзива и кога имавме сериозна воена копнена сила на терен. Но, далеку пред тоа започнаа. Тоа се случуваше и со анексијата на Крим, како и со повеќе земји кои беа во своите демократско транзициони процеси, рече Поповска.

Професорот Пивоваров вели дека со вештачката интелегенција олеснето е пласирањето на лажните вести. Лажната вест нема конкретни податоци кои се проверливи, вели Пивоваров, и додава дека има една категорија на граѓани кои сакаат да ја проверат лажната вест, како и друга категорија на која лажната вест им конвергира.

-Имаме две категории на популацијата, односно оние кои сакаат да ја проверат веста и оние на кои лажната вест им одговара, а тие ја прифаќаат за вистинита. Фактички тие во натамошното движење на оваа вест, односно креирање на јавното мислење, стануваат како дополнителна антена која ги шири лажните вести, рече Пивоваров.

„Ослободи го умот“ е проект за спротивставуавње на дезинформациите, пропагандата и хибридните закани преку мониторинг, медиумски активности и директна комуникација со граѓанките и граѓаните. Активностите вклучуваат тинк-тенк, медиумски и активистички елементи. ра/са/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан