• петок, 05 декември 2025

Пакомак: Патот до одржливост - Рециклирањето како дел од циркуларната економија

Пакомак: Патот до одржливост - Рециклирањето како дел од циркуларната економија

Скопје, 16 јули 2025

Во модерното време, кога хиперпродукцијата е стандардот кој сите го следат, количината на амбалажен отпад кој се произведува секојдневно е значително поголема во однос на било кога претходно. Ова ја прави задачата на одржување на чиста и здрава животна средина многу попредизвикувачка, но тоа не треба да не’ плаши, бидејќи сепак имаме моќ да делуваме позитивно и да направиме разлика.

Статистички гледано, луѓето се одговорни за најголемиот дел од отпадот кој се исфрла на дневно ниво, а се создава преку човечки контролирани активности како консумација, производство и пакување. Затоа и човекот има најголема одговорност да се грижи за околината и за местото во кое живее и работи – бидејќи има разлика дали отпадот ќе заврши на улица, на депонија или пак онаму каде што припаѓа.

Првото правило на добро управување со отпадот е: селектирај, селектирај, селектирај! Го повторуваме истиот збор трипати за да ги симболизираме трите типови отпад на кои се најчести и на кои треба да обрнете најголемо внимание: пластика, стакло и хартија.

За да ви помогне при селекцијата, Пакомак насекаде низ земјава постави контејнери во три различни бои: жолта, зелена и сина. Кога ќе дојде моментот да го одложите отпадот, запомнете дека пластиката и лименките треба да завршат во жолтиот контејнер, стаклото во зелениот игло контејнер, а хартијата во синиот контејнер означен со знакот за рециклирање (♻).

Како и во повеќе земји во светот, така и кај нас – селектирањето на отпадот може да се исплати. Всушност, во последните години тоа дури и се наградува, благодарение на иновативниот систем на собирање на „зелени поени“ преку Повратните вендинг машини и мобилната апликација ЕкоМак. Со секое одложено пластично шише или лименка во ПВМ корисникот добива поени на неговата сметка, кои подоцна може да ги искористи како ваучери за попусти во локалните маркети, плаќање на сметки и комунални трошоци, донации и слично. Ваквиот систем на повратна корист за граѓаните е уникатен и е имплементиран само во нашата земја, а истиот покрај придобивки за корисниците помага да се воспостави навика за постојана грижа за околината и за заштита на животната средина.

Дури откако отпадот ќе заврши на вистинското место, може да оди на рециклирање и да биде обработен за да биде ренаменет во нешто друго. Процесот на селектирање

практично ни ги покажува клучните вредности на циркуларната економија: намалување на отпадот, ренамена на производството и циркулација на ресурсите и материјалите.

Циркуларната економија значи отстапување од традиционалниот, линеарен економски модел, кој се заснова на принципот „земи-направи-потроши-фрли“. Наместо тоа, овој модел поттикнува ренамена на ресурсите и може да донесе придобивки како намалување на притисокот врз животната средина, зголемување на конкурентноста, стимулирање на иновациите, стимулирање на економскиот раст и создавање на нови работни места. Повеќето земји од Европската унија и голем број на развиени земји ширум светот веќе го прифатија моделот на циркуларна економија и напорно работат кон воспоставување на систем кој ќе овозможи моделот да се имплементира во целост.

Секоја мала активност прави разлика, па затоа не го потценувајте индивидуалниот придонес во борбата за поздрава и почиста животна средина. Започнете со мали чекори: најпрво научете каде треба да завршат различните типови отпад и каде може да се одложат истите, а потоа пренесете ја пораката помеѓу останатите луѓе од вашата заедница. Заедно, имаме моќ да ја направиме промената која сакаме да ја видиме во светот!

Пакомак

______________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

 

Остани поврзан