ОЈО: Истражна постапка против лице кое одгледувало осум растенија канабис
- Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека вршел кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори по член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Скопје, 19 септември 2025 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека вршел кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори по член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Како што соопшти ОЈО, осомничениот 47-годишник, во дворот на куќата во селото Ајватовци, под фолија насадил и одгледувал осум растенија канабис. При претрес на 16 септември, полицијата пронашла пет растенија засадени во земја и три во кофи, во свежа состојба и со поединечна висина од 100-260 сантиметри.
Исто така, во собата во која спиел, тој направил комора – импровизирана просторија за сушење со метална конструкција, филтер за воздух и два вентилатори. Во неа во моментот на претресот сушел 7 грама наркотична дрога – марихуана. Дополнително, на скалите во куќата полицијата пронашла сито со уште 17,4 грама марихуана.
Бидејќи постојат околности кои што укажуваат на опасност од бегство и на можност осомничениот да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, стои во соопштението. рп/са/
Фото: МИА архива