Оштетени информативни табли на Национален парк Шар Планина
- Национален парк Шар Планина информира дека се оштетени информативни табли кои се поставени по најавата за воведување на наплата за влез во заштитеното подрачје со моторни возила. Овој чин е пријавен во полиција и според соопштението од НП Шар Планина, надлежните органи веќе работат на пронаоѓање на сторителите.
Тетово, 12 мај 2025 (МИА) – Национален парк Шар Планина информира дека се оштетени информативни табли кои се поставени по најавата за воведување на наплата за влез во заштитеното подрачје со моторни возила. Овој чин е пријавен во полиција и според соопштението од НП Шар Планина, надлежните органи веќе работат на пронаоѓање на сторителите.
- Со голема тага и разочараност информираме дека дел од новопоставените информативни табли во Националниот парк Шар Планина се вандализирани. Додека ние, со љубов и посветеност, го чистиме отпадот и работиме на унапредување на искуството за сите посетители, некои одбираат да рушат и уништуваат. Овие вандалски дејствија се не само непочитување кон трудот на сите кои се грижат за Шара, туку и директен напад врз државна институција и заштитено природно богатство, се вели во соопштението на НП Шар Планина.

Потсетуваат дека од наплата се ослободени жителите на селата во рамките на паркот, сопствениците на приватни имоти, правните лица регистрирани на територијата на паркот.
- На сторителите нека им служи на чест. А сите оние кои вистински ја сакаат Шар Планина ги повикуваме да придонесат кон нејзина заштита: чувајте ги информативните табли – тие се таму за сите нас. Поддржете ја одржливоста на паркот со плаќање на надоместокот за влез со моторно возило – едноставно, со испраќање СМС-порака. Да ја чуваме Шара – за нас и за генерациите што доаѓаат, се вели во соопштението на Национален парк Шар Планина. ас/мд/
фото: НП Шар Планина