• вторник, 17 декември 2024

Оформени шест нови предмети во Уставниот суд

Оформени шест нови предмети во Уставниот суд

Скопје, 3 октомври 2022 (МИА) - Во периодот од 14 до 22 јули годинава до Уставниот суд се поднесени шест иницијативи за оценување на уставноста и законитоста и по нив се оформени предмети кои се предадени на работа на советници на Судот и судии.

Од Уставниот суд денеска информираат дека е поднесена иницијатива на член 19 став 16 во делот: надлежен суд од Законот за административни службеници. Содржина на оспорената одредба: „Против одлуката на Комисијата незадоволниот административен службеник може да поднесе тужба пред надлежен суд во рок од 15 дена од денот на нејзиниот прием”.

Подносителот на иницијативата наведува дека во оспорената законска одредба воопшто не се дадени дополнителни материјални критериуми со помош на кои поблиску би било определено кој е тој „надлежен суд” пред кого незаодволниот административен службеник може да поведе тужба и да побара правна заштита. Според наведеното во иницијативата се создава дилема во практиката и се остава можност за различно толкување на тоа кој суд е надлежен против ваквите одлуки на Агенцијата.

До Судот поднесена е иницијатива и на членот 83 став 1 од Законот за даночна постапка во делот „29 до”. Според подносителот на иницијативата оспорената одредба упатува на примена на одредба која со Одлука на Уставниот суд е укината и отстранета од правниот промет. Се наведува дека начелото на владеење на правото пропишано со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот подразбира дека во правниот промет мора да постојат јасни и прецизни норми и ако тие упатуваат на примена на други одредби тогаш, повиканите одредби мора да постојат во правниот промет.

Иницијатива е поднесена и на член 10 став 12 од Законот за домување. Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одредба упатува на примена на ставот 7 од членот 10 од Законот за домување која пак нема предмет на уредување кој се однесува на одземање на лиценцата.

До Судот поднесена е иницијатива и за член 111 став 4 од Законот за административни службеници. Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорената одредба е направена повреда на членот 87 став 3 од Законот за административни службеници во делот на плата за  исто ниво, бидејќи државни службеници се ставаат во нерамноправна положба поради разлика во бодовите со државни службеници кои имаат степен на кариера и им се внесуваат дополнителни бодови. Во иницијативата се наведува дека постојат разлики во платите на исто ниво на административните службеници.

Тринаесет граѓани и правни лица преку адвокат Мефаиљ Арслани до Судот поднеле иницијативата со која оспоруваат пет Одлуки донесени од Совет на Град Скопје и општина Кисела Вода и Проект за инфраструктура од ГЕИНГ Кербс унд Кифер од 2014 година.

Подносителите на иницијативата наведуваат дека ГУП-от на Град Скопје е противзаконит бидејќи предвидува промена на булеварот „Борис Трајковски”  со која планираните сообраќајни ленти зафаќаат недвижен имот во приватна сопственост на физички и правни лица кои се наоѓаат само на едната страна на постоечкиот булевар, во насока од Стаклара кон мостот на Маркова река. Поради овие причини подносителите наведуваат дека се зафаќа приватната сопственост со потреба за вршење на експропријација во обем кој доведува до големо оштетување на носителите на правото на сопственост, како што е драстично намалување на вредноста на недвижностите.

Шестата иницијатива по која е оформен  предмет се однесува на членот 89 од Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини. Подносителот, како што информираат од Уставен суд, наведува дека  од содржината на оспорената одредба произлегува дека се воспоставува ретроактивна примена, односно повратно дејство на одредбата. дма/ац/

Остани поврзан