• четврток, 04 декември 2025

Отворен Ротари Феникс центар во Кочани

Отворен Ротари Феникс центар во Кочани

Скопје, 7 јули 2025 (МИА) - Ротари клуб Кочани - Виница отвори Ротари Феникс центар во Кочани кој е посветен на младите и семејствата од пожарот во ноќниот клуб во кој загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени. 

- Феникс Центарот нуди широк спектар структурирани активности насочени кон заздравување, раст и зајакнување. Ова вклучува неделни сесии со психолози, развој на емоционална интелигенција и креативни работилници за уметност, пишување и видео. Културната и социјалната вклученост се поттикнуваат преку филмски проекции, акустични концерти и настапи на стендап комичари. Едукативните и развојни компоненти вклучуваат менторство за ученици, професионална ориентација, предавања за здрав начин на живот, јога и звучна медитација. Програмата нуди и поддршка за родители, разговори со инвеститори и рекреативни патувања за враќање на самодовербата и градење заедништво, информираат организаторите.

Претседателката на Ротари клубот Кочани - Виница, Ангела Соколова вели дека Ротари клубот е целосно посветен на поддршка во закрепнувањето на последиците од пожарот.

-  Овде сме да донесеме нова надеж на младите во Кочани. Сакаме да ја вратиме светлината во нашиот град. Ротари Клубот е целосно посветен на поддршка во закрепнувањето, а истовремено Ротари Феникс Центар е и место за сеќавање на изгубените ангели, вели Соколова.

Ротари Феникс Центарот стана реалност благодарение на поддршката низ целиот Ротари Дистрикт 1912, предводен од досегашниот гувернер Мирослав Штравс, досегашната координаторка на Сојузот на Ротари Клубови во Северна Македонија Елена Панова, ротари клубовите и поединците. Штравс ќе го наследи Матјаж Новак. бак/паг/

Фото: Ротари клуб Кочани - Виница



Остани поврзан