• петок, 22 ноември 2024

Отворен Ресурсен центар за родово одговорно креирање политики и буџетирање

Отворен Ресурсен центар за родово одговорно креирање политики и буџетирање
Скопје, 3 март 2022 (МИА) - Во Скопје денеска беше отворен Ресурсен центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање на Министерството за труд и социјална политика, кој треба да помогне во градењето на капацитетите на државната администрација и локалните власти во насока на вклучување на родовата перспектива во буџетите на национално и локално ниво. -Концептот на родова еднаквост значи дека и жените и мажите треба да имаат еднакви права на човечки, економски и културен развој, како и поддеднакво право на учество во сите сфери на општествениот и политичкиот живот, рече на отворањето на Центарот министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. Во земјава, додаде таа, има воспоставенена солидна законска рамка и инситуционални механизми, има и стратешки документи посветени на унапредувањето на еднаквите можности на жените и мажите во сите сфери на живеењето. Овој процес, укажа, треба да продолжи и да се унапредува. -Внесувањето на родовиот концепт во буџетските политики на Владата и креирање родово сензитивен буџет во кој ќе бидат потенцирани приоритетите и потребите и на жените и на мажите и буџет од кој ќе имаат корист и едните и другите е наша примарна цел. Родово одговорните буџети се клучни за создавање еднакви можности за жените и за мажите и единствен начин да покажеме дека нашите заложби за родова еднаквост се вистински, а не само декларативни и на хартија, рече Тренчевска. Вероник Улман Марти, амбасадорка на Швајцарија, во земјава се согласува дека родовото буџетирање е многу важно за да се спроведе во пракса заложбата за родова еднаквост. -Пред да се одобри некој буџет треба да сме сигурни дека е земена предвид родовата перспектива. Обезбедувањето средства за родова еднаквост е исклучително важно и родово одговорното буџетирање ќе и помогне на Владата да ги реализира своите заложби, да даде еднакви можности на жените и на девојките, рече Марти. Шведската амбасадорка Кристин Форсгрен Бенгтсон смета дека родовата еднаквост е човеково право и оти треба да се направи се тоа да се почитува. -Родовата еднаквост е човеково право, тоа не треба да се заборави и исто така родовата еднаквост е нешто што е и треба да биде интегрален дел на секое општество и на нашиот секојдневен живот, рече таа. Росана Дуџак, постојана координаторка на Обединетите нации во Северна Македонија вели дека треба да се работи на креирање на средина во која сите ќе бидат слободни да го реализираат целокупниот потенцијал и да и помогнат на заедницата и општеството каде припаѓаат. -Ова е фокусот на активностите на ОН во Северна Македонија поврзани со родовата еднаквост. Ја поддржуваме земјата и создаваме средина во која секој има еднаква можност и исто го води одржливиот развој во земјата. Во оваа смисла, родовата еднаквост секогаш ќе биде висок приоритет за ОН, рече Дуџак. На отворањето на ресурсниот центар присуствуваше и Блерта Цела, заменик регионална директорка на канцеларијата на UN Women во Европа и Централна Азија.​ -Отворањето на овој центар е кулминација и завршница на едно долгорочно партнерство со Владата на Северна Македонија, нашите партнери од Швајцарија и Шведска и семејството на ОН во Северна Македонија. Задоволни сме што ја имаме оваа можност да го видиме ова реализирано. Сигруна сум дека со заедничка работа ќе видиме и поцврсти резултати, придобивки и ќе видиме дека ваквото буџетирање во Северна Македонија може да придонесе за подобрување на животите на жените и мажите и заедниците во земјата, рече Цела. Отворањето на центарот е во соработка со UN Women, а во рамки на проектот „Промовирање на родово одговорни политики и буџети кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“, со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Сида. сст/лв/

Остани поврзан