Отворен првиот Регионален саем за економски развој „ЕКСПО ИЛИНДЕН 2025“
- Во спортската сала „Гоце Делчев“ во општина Илинден денеска започна првиот Регионален саем за економски развој – „ЕКСПО ИЛИНДЕН 2025“.
Скопје, 26 јуни 2025 (МИА) – Во спортската сала „Гоце Делчев“ во општина Илинден денеска започна првиот Регионален саем за економски развој – „ЕКСПО ИЛИНДЕН 2025“.
Од Општината информираат дека на настанот присуствувале градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски и заменик министерот за економија Марјан Ристески, кои ја нагласиле важноста на саемот како стратешка платформа за економско поврзување и развој.
Георгиевски нагласил дека „ЕКСПО ИЛИНДЕН 2025“ не е само изложбен настан, туку можност за соработка, размена на знаење, искуства и идеи меѓу сите чинители кои ја градат иднината на општината. Тој истакнал дека Општина Илинден веќе е препознаена како економски стабилна и перспективна средина, со над 800 активни деловни субјекти и развиена индустриска зона и дека ваквите иницијативи се силен поттик за понатамошен раст, иновации и отворање нови работни места.
Пред отворањето на Саемот, градоначалникот Георгиевски и заменик министерот Ристески остварија имале средба на која се разговарало за потенцијалот на Илинден како растечка општина, како и за значењето на ваквите иницијативи за поттикнување на регионалниот развој.
На настанот присуствувале и пратеничката Драгана Бојковска, советници од Советот на Општина Илинден, претставници од државни институции, директори на јавните претпријатија на општината, како и бројни претставници на стопанството, деловната заедница, домашни и странски инвеститори, стои во соопштението.
Саемот продолжува и утре со изложби од повеќе сектори: индустрија, градежништво, земјоделие, туризам, технологии и услуги. Вратите се отворени за посетители од 10:00 до 18:00 часот, а вечерната програма со музика и дружење започнува од 19:00 часот на паркингот до спортската сала „Гоце Делчев“, се наведува во соопштението. ра/лв/
Фото: Општина Илинден