• петок, 22 ноември 2024

Отворен нов дел во Психијатриската болница „Скопје“ со капацитет за 68 пациенти

Отворен нов дел во Психијатриската болница „Скопје“ со капацитет за 68 пациенти

Скопје, 2 октомври 2023 (МИА) - Во рамки на Психијатриската болница „Скопје“ денеска е отворен нов објект со капацитет од 68 болнички кревети. Новата болница е опремена според сите меѓународни стандарди. Објектот е опремен со сите потребни санитетски и други придружни простории за соодветно сместување и болничко секојдневие на пациентите.

- Денеска е важен ден за здравството во Северна Македонија, го отвораме новиот објект, во ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“, со што по повеќе од една деценија, завршуваме еден од најважните проекти во здравството во нашата земја. Нешто кое со години се чекаше да се заврши, конечно од денеска почнува со работа. Новата болница е современо опремена, според меѓународни стандарди и уверен усм дека новите услови за работа ќе допринесат за поголем ентузијазам и поголема енергија на здравствениот и нездравствениот перосонал во секојдневното работење, истакна министерот за здравство Фатмир Меџити.

Тој подвлече дека по 13 години, во новиот блок од Психијатриската болница ќе се примаат пациенти. 

- Овде е одделот за лекување и рехабилитација за пациентите поради зависност од алкохолизам. Овде ќе се згрижуваат пациенти на кои им е потребно продолжено лекување, рехабилитација и ресоцијализација на пациенти од машки пол, со нарушено ментално здравје. Еден дел од објектот е интерно одделение, наменето за третман на пациенти со ментални нарушувања и проблеми во соматското здравје, појасни Меџити.

Според доктор Соња Делова, се зголемува бројот на пациенти, пред сѐ на оние кои се лечат од зависност од алкохолизам, но и од психоактивни супстанци, кои се лекуваат во центарот за зависности, каде има повеќе од 500 пациенти.

- Имаме одделение за третман на алкохолизам и воедно кај пациентите кои имаат коморбидитет, зависност и друго психичко нарушување, имаме околу дваесетина пациенти. Одделението за алкохолизам брои околу 30 пациенти. Доаѓаат во различни фази. Поголем успех има ако пациентот дојде порано, на почетокот од болеста и доколку има фамилијарна поддршка. Успехот кај тие пациенти е поголем, нагласи Делова.

Во однос на медицинскиот персонал, Делова рече дека како и секаде, така и тука има недостиг на кадар. 

Во тој контекст, министерот Меџити најави дека процесот на транформација на работниот однос на медицинските лица е при крај. бд/бак/

 

Фото: МИА

Остани поврзан