• недела, 19 мај 2024

Отворено писмо од Македонскиот дипломатски синдикат до министерот Бујар Османи за обвинувањата упатени до Синдикатот

Отворено писмо од Македонскиот дипломатски синдикат до министерот Бујар Османи за обвинувањата упатени до Синдикатот

16 јануари 2024 

- Македонскиот дипломатски синдикат најостро ги осудува квалификациите упатени од Министерот за надворешни работи Бујар Османи за наводна „албанофобија“ или „албано хистерија“ по повикот на Синдикатот за зачувување на професионалните дипломатски стандарди во Министерството.

Министре, Македонскиот дипломатски синдикат бил и ќе продолжи да биде последниот бедем и механизам за зачувување на угледот и професионалните стандарди во дипломатската служба. Затоа, Ве повикуваме да не употребувате несоодветна политичка реторика кога се работи за прашања кои ги засегаат професионалните дипломати и нивните кариери.

Би сакале да Ви укажеме, дека бројот на членови на МДС континуирано се зголемува, а воедно во истиот членуваат дипломати од сите етнички заедни. Ова се должи на нашите континуирани принципиелни заложби за унапредување на статусот и правата на професионалните дипломати.

Министре, во периодот одкако Вие ја презедовте функцијата на прв човек на министерството, упатени се повеќе од пеесетина амбасадори и конзули како и повеќе од двестотини дипломати на мандат. МДС реагира исклучиво кога станува збор за прекршување на Законот за надворешни работи или за крајно спорни решенија за кои реагираше и целокупната јавност.

На крајот, и покрај Вашето политичко излагање обременето со партиски флоскули, сеуште не добивме одговор на прашањето дали со предлогот за упатување на Генерален конзул во Њу Јорк се крши Законот за надворешни работи.

Министре, како и во минатото Ве потсетуваме дека министрите се листопадни а дипломатијата е зимзелена. 

ИЗВРШЕН ОДБОР НА МДС

_________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото МИА архива

 

Остани поврзан