• понеделник, 23 декември 2024

Отворени денови на Институтот за македонски јазик

Отворени денови на Институтот за македонски јазик
Скопје, 17 октомври 2022 (МИА) -  Во Амфитеатарот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ –  Скопје, денеска ќе се одржи манифестација по повод седмите „Отворени денови на Институтот за македонски јазик“. Поздравни обраќања на отворањето, како што е најавено од Институтот, ќе имаат премиерот Димитар Ковачевски, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје и проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Според програмата ќе се одржи и чествување на јубилеите „70 години од граматиките на Хорас Лант и на Блаже Конески“ и „100 години од раѓањето на Тодор Димитровски – лингвист, книжевен историчар, теоретичар и преведувач“, а излагања ќе имаат проф. д-р Људмил Спасов и проф. д-р Олгица Додевска-Михајловска. Воедно ќе бидат промовирани и најновите изданија на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје од Светлана Давкова-Ѓоргиева. Утре, 18 октомври, во амфитеатар на Институтот ќе се одржи трибина „Јазикот на младите“, а во среда и четврток (19 и 20 октомври), VII меѓународна научна конференција „Македонскиот јазик - извор на научни истражувања“.

Во петок, на 21 октомври во Дојран ќе се одржи Ден на српскиот јазик во Република Северна Македонија, каде ќе присуствува д-р Софија Милорадовиќ, директорка на Институтот за српски јазик при САНУ од Белград, Република Србија. дма/ац/

Остани поврзан