• недела, 22 декември 2024

Отворена самостојната ликовна изложба „Вера, Надеж, Љубов“ на Нада Ѕмбова Донева од Кочани

Отворена самостојната ликовна изложба „Вера, Надеж, Љубов“ на Нада Ѕмбова Донева од Кочани
Кочани, 30 септември 2022 (МИА) – Во изложбениот салон на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани вечерва беше отворена втората самостојна ликовна изложба „Вера, Надеж, Љубов“ на роднокрајната авторка Нада Ѕмбова Донева. Ликовните дела, работени во акрилна техника на платно, предизвикаа голем интерес кај љубителите на сликарската уметност од Кочани и регионот. Во рецензијата за изложбата, историчарот на уметност Илинка Атанасова нагласи дека наспроти професионалната определба како биолог и наставник во основно училиште, Ѕмбова Донева чувствува силен предизвик соодветно да ја манифестира својата креативност. -Делата што се претставени вечерва пред вас се создавани во многу турбулентен период на глобален психолошки притисок, период на пандемија што ги затресе темелите на дотогашниот начин на живеење и поттикна промени во сите сфери, а неминовно, се променија и уметничките принципи. Уметноста ја изгуби својата улога во функција на човекот и општеството, а стана одраз на субјективното чувство на индивидуалност што води до видливи противречности. Во создавањето на делата, авторката поминува низ субјективо себеосознавање и ги заснова врз препознатливи, но непрепознатливи содржини и предмети од природата, со издвојување на нивните геометриски својства. Дотогашниот простор ја губи својата перспектива, а почнува да доминира боја, материја, светлина и енергија како средство да освојување нов, вистински простор, истакна Атанасова. Пред публиката во својот роден град Ѕмбова Донева се претставува со триесетина ликовни дела во мал и среден формат што ќе бидат изложени во наредните две недели. Изложбата „Вера, Надеж, Љубов“ е дел од годишната на програма на Центарот за култура од Кочани, финансирана од Министерството за култура.та/см/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан