• понеделник, 23 декември 2024

Отворена нова подрачна канцеларија на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Македонски Брод во Општина Пласница

Отворена нова подрачна канцеларија на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Македонски Брод во Општина Пласница
Скопје, 21 јули 2022 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска заедно со градоначалникот на Општина Пласница Алија Јаоски и директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа - Македонски Брод Синиша Радески, го означија започнувањето со работа на новата канцеларија на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, Македонски Брод. - Отворањето на подрачната канцеларијата за социјални работи е од особено значење за жителите на Општина Пласница кои повеќе нема да патуваат до Македонски Брод за аплицирање за социјалните права и користење на услуги од системот на социјална заштита. Тоа ќе можат да го направат во своето место на живеење, соопшти Министерството за труд и социјална политика. Станува збор за околу 900 корисници на правата од системот на социјална заштита и корисници на социјални услуги, на кои им се олеснува целиот процес. Просториите за канцеларијата, како што наведуваат од Министерството, се отстапени од страна на Општина Пласница, а опремата за функционирање на канцеларијата е обезбедена од Министерствoто за труд и социјална политика. - Соговорниците разговараа и на тема детска заштита. Во моментов во Пласница има Центар за ран детски развој, а се разговараше за потребата од детска градинка во ова населено место. Воспоставувањето на социјални услуги преку Проектот за подобрување на социјални услуги исто така беше тема на денешната средба со градоначалникот Јаоски. Министерката информираше дека наскоро ќе биде објавен нов повик за аплицирање и ја повика Општина Пласница да се јави на повикот и воспостави социјална услуга која е согласно потребите на жителите на оваа општина, посочуваат од Министерството. Присутните на средбата се согласиле на понатамошна плодна соработка со цел унапредување на социјалните услуги и нивното доближување до граѓаните.​ мс/аа/        

Остани поврзан