• понеделник, 25 ноември 2024

Остри критики до Рама од  претседателот на европските социјалисти Лофвен за договорот за мигранти

Остри критики до Рама од  претседателот на европските социјалисти Лофвен за договорот за мигранти

Тирана, 11 ноември 2023 (МИА) - Изборот на Албанија привремено да прими одреден број мигранти кои пристигнуваат во Италија предизвикува внатрешна војна во Европската социјалистичка партија, јави албанската агенција Балканвеб, цитирајќи го IlFattoQuotidiano.

Оценува дека потегот на албанскиот премиер Еди Рама да ја „спаси“ италијанската колешка Џорџа Мелони бил дочекан со значителна загриженост во семејството на Европската Социјалистичка партија, каде припаѓа и Социјалистичката партија на Албанија, чиј лидер е Рама.

Претседателот на европските социјалисти, Стефан Лофвен, на Конгресот на Партијата на европските социјалисти, отворено го критикувал договорот меѓу Рим и Тирана.

Од Конгресот кој се одржува во  Малага, Шпанија, Лофвен се оградил од претставениот модел, додавајќи дека „такви договори бара само екстремно десничарска влада".

- Миграцијата треба да се менаџира со користење на прогресивна рамка. Треба да промовираме инклузивни патишта, треба да најдеме начини да го направиме тоа да биде победа за нашите општества и за имигрантите - тоа е моделот што го предлагаат социјалистите. Не како што екстремно десничарската влада во Италија сака да ги пренесе барателите на азил во Албанија, рекол Лофвен.

Претседателот на социјалистите изјавил дека и оваа политика, како и многу други, е предодредена да пропадне.

-Миграцијата постои откако постои човештвото, а десницата се впушта во демагогија кога вели дека може да ја спречи, тоа се политики предодредени да пропаднат, оценил тој.

Германскиот канцелар Олаф Шолц во Малага изјави дека неговата земја  внимателно го разгледува договорот меѓу Италија и Албанија за мигрантите. вт/ссм/

Остани поврзан